Ниту еден полицаец не е осуден за шверцот со мигранти


Потресните слики од судирите меѓу илјадниците мигранти кои се бореа со полицијата за да ја пробијат граничната бариера на југот од земјава ни останаа во сеќавањата по затворањето на балканската рута за бегалците, кои ги оставија домовите за да избегаат од воените татнежи на Блискиот и Средниот Исток. Сега бегалците пак ја минуваат земјава, но скриени низ нелегалните премини и злоупотребени од шверцерите. Неделава македонската полиција откри криминална група од 14 члена која за осум месеци прошверцувала 400 мигранти од Авганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш. Мигрантите биле пренесувани илегално од Грција преку зелената граница во околината на Гевгелија и Дојран. Со помош на водичи биле носени на претходно договорени локации, оттаму членовите на групата ги прифаќале мигрантите со патнички и товарни возила и ги превезувале до Марвинци, Фурка, Богданци, Удово и Демир Капија. Оттаму ги прифаќале и превезувале на локации на автопатот Куманово – Табановце, таму биле прифатени и носени во кумановските села Ваксинце и Лојане и биле сместувани и засолнувани во објекти на соработниците и помагачите на криминалната група, а потоа шверцувани преку северната граница, кон државите на ЕУ. Шверцерите наплатиле од миграните вкупно од 150.000 до 200.000 евра. Оваа организирана група го опишува начинот како функционира шверцот на мигранти низ Македонија и докажува дека речиси во сите овие групи се вмешани полицајци. Со оваа група соработувале двајца полицајци, еден кандидат за полициски службеник и еден вработен полицаец кои ги известувале каде има полициски патроли, контроли и заседи. Извештајот „Трговија со луѓе и шверцување мигранти во Северна Македонија“ што го изготви Македонското здружение на млади правници детално опишува како функционираат овие групи кои се дел од меѓународни криминални ограноци.

Најголемиот број на шверцери се возрасни мажи, но откриени се и жени. Групите имаат вертикална структура со јасно утврдена улога на секој член во групата – качак, чистач, транспортер, изведувач. Лицето што ја има улогата на качак во групата е задолжено да ги прифати мигрантите по нивниот незаконски влез во земјава. Лицата што ја имаат улогата на чистачи во криминалната група имаат за задача да идентификуваат евентуални полициски патроли, контроли или заседи по рутата по која се движеле возилата и за истото да ги известат останатите членови на криминалната група. За оваа цел, членовите користат мобилни апликации за остварување на интернет-повици и инстант-пораки и мобилни апликации со кои одредуваат ГПС-координати.

Најзастапените рути за шверцување мигранти од Грција во Северна Македонија минуваат во близина на селото Моин, западно од реката Вардар, како и селата Стојаково и Селемли источно од течението на реката Вардар. Граничниот премин „Богородица“ се користи за шверцување мигранти во патнички и товарни возила, а забележани се и случаи на шверцување мигранти во патничките и товарни возови на железничкиот граничен премин „Гевгелија“. За нелегални преминувања мигранти, шверцерите ја користат и планината Беласица, од каде што мигрантите се пренесуваат во областа на Дојран.

Според меѓународните извештаи, Македонија презема мерки насочени кон јакнење за справување со шверцувањето мигранти и трговијата со луѓе, но треба уште работа. „Откриени се забележителен број на случаи на трговија со луѓе и шверцување мигранти, при што голем дел од овие случаи се завршени со осудителни судски пресуди. Сепак, активностите на организираните криминални групи кои се занимаваат со шверцување мигранти и трговија со луѓе продолжуваат, а во кривичните постапки не е осуден ниту еден полициски службеник и покрај многубројни сомневања за соработка помеѓу овие групи и определени полициски службеници“, пишува во извештајот.

Најголемиот број случаи откриените кривични дела поврзани со шверцување мигранти и трговија со луѓе завршуваат со осудителни пресуди, во кои се изрекуваат казни затвор за осудените, а во помал број на случаи и условна осуда. Во значителен број на случаи се донесува пресуда врз основа на предлог за спогодба во претходна постапка или по спроведена истражна постапка, а речиси незначителен е бројот на одлуки со кои се отфрлаат поднесените кривични пријави.

Во периодот во кој се одвиваше олеснет, регуларен транзит на бегалците и мигрантите главната рута за транзит минуваше низ земјава. Бегалците и мигрантите остваруваа влез кај прифатно-транзитниот центар „Винојуг Гевгелија“, кој беше поставен веднаш до границата со Грција. По регистрацијата и краткиот престој во центарот, бегалците се упатуваа кон прифатно-транзитниот центар Табановце, од каде што ја минуваа границата со Србија во близина на селото Миратовац. Во најголемиот број случаи, бегалците и мигрантите од таму се упатуваа кон селото Хоргош во североисточна Србија од каде што ја минуваа границата со Унгарија, а во помал број случаи кон Хрватска.

По затворањето на границите вдолж балканската рута во март 2016 година, шверцерите забрзано ги возобновуваа рутите за шверцување мигранти во регионот. Значаен дел од миграциските текови се насочија преку Албанија и Босна и Херцеговина кон Хрватска, како и од Бугарија, преку Србија кон Хрватска. Сепак, поради географската положба на Македонија и покрај зајакнатите мерки за контрола на границата со Грција, оваа рута остана отворена за нелегална трговија.

По трендот на намалена миграција во 2017 година, во 2018 година е забележан повторен раст на миграциските текови во Македонија. Во првите девет месеци на 2018 година, од страна на граничната полиција спречени се 13.143 лица да ја минат грчко-македонската граница, што претставува раст од дури повеќе од 400 отсто во однос на истиот период во 2017 година.

За трендот на зголемување на нерегуларната миграција говори и податокот дека само во октомври 2018 година биле откриени 98 шверцувани лица, што претставува повеќе од 45 отсто од бројот на шверцувани лица во текот на цела 2017 година.

Најголемиот дел од бегалците од Сирија засега остануваат во Турција, но се редовна закана на турскиот лидер кон Европа дека ќе им ги пушти илјадниците бегалци за кои ЕУ му даде помош. (Ф.Ф.С.)