Нискиот даночен морал ја чини Македонија најмалку 102 милиони евра годишно

За 5 отсто од македонските даночни обврзници е потполно прифатливо доколку се има шанса да се мами за даноците, за дополнителни 5 отсто донекаде е прифатливо мамењето

Македонија собира околу 17 отсто од домашниот бруто-производ во даночни приходи, што е многу помалку во однос на земјите од ЕУ каде што е 25-50 отсто

Најмалку 102 милиони евра годишна загуба ја чини државата ниското ниво на даночен морал, се проценува во обемната студија „Даночниот морал во Република Северна Македонија: Анализа на факторите на даночниот морал“, што ја изработи Центарот за економски анализи од Скопје. Според ЦЕА, годишната загуба може да биде дури и повисока со оглед на помалата доверба во националната и во локалната власт.

„Многу земји во развој се соочуваат со низа предизвици за зголемување на приходите кои вклучуваат мала даночна основа/база, значителен неформален сектор, слабо управување, слаб административен капацитет, ниски приходи по глава на жител, ниски нивоа на домашни заштеди и инвестиции и избегнување на плаќање на даноците“, се вели во студијта.

Како резултат на оваа две третини од најмалку развиените земји сè уште се борат да соберат повеќе од 15 отсто од БДП, што е широко прифатен минимум за да се овозможи ефективна држава.

„Македонија собира околу 17 отсто од домашниот бруто-производ во даночни приходи (процент што е практично постојан во текот на две децении) во однос на земјите од ЕУ каде што е 25-50 отсто. Ова е минималното ниво што ООН го смета за неопходно за да се постигне Милениумската развојна цел“, се вели во студијата.

За споредба, земјите на ОЕЦД во просек прибираат приближно 35 отсто од БДП во даночните приходи. Додека во Македонија индиректниот данок е доминантен, односно околу 80 отсто се даноци на потрошувачка (ДДВ), во ЕУ повисок процент од даноците отпаѓа на личните даноци. Како што се објаснува во студијата, просечниот фактор на придонес во ЕУ за даночно затајување (индиректно оданочување и активности за самовработување) се проценува дека е 14,5 отсто, а во друга студија се вели дека просечното затајување данок на ниво на ЕУ е 12,3 отсто од БДП или просечно 9,9 отсто.

„Доколку се држиме до овие проценки, тоа за Македонија би значело дека 9,9 отсто од БДП или пак 14,5 отсто, околу 102 милиони евра годишна загуба се должи токму на даночниот морал (што може да биде дури и повисоко со оглед на веројатниот понизок степен на даночен морал во Македонија заради помала доверба во националната и локалната власт)“, се вели во студијата. Според авторите наа студијата, подоброто разбирање за тоа што ги предизвикува разликите во даночниот морал кај земјите е клучен елемент за разбирање на доброволното исполнување на даночните обврски.

„Таков вид на бихевиористички пристап за даночен систем може да понуди и повеќе споредено со даночните системи кои се базираат на казнување и на предатор-жртва модел. На пример, можат да се идентификуваат кои се личните побуди на еден даночен обврзник навремено да ги исполнува своите даночни обврски или пак да не ги исполнува“, се вели во студијата.

Од ЦЕА објаснуваат дека даночниот морал подразбира доброволно почитување на даночните закони и создавање социјална норма на одговорност кон исполнување на даночните обврски од страна на даночниот обврзник.

Студијаата се осврнува на повеќе прашања од даночната проблематика кои секогаш предизвикуваат дебата и разлики во мислењата, како на пример која е филозофијата на данокот и оданочувањето; кој и колку треба да плаќа даноци; дали суштината е прибирање на јавни финансии или пак суштината на даноците е редистрибуција на приходите; дали даноците се собираат за корекција на недостатоците на функционирање на пазарите и/или пак за промена на однесувањето на економските агенти; дали постои фер износ или фер стапка на даден данок; дали данокот е само правна обврска или пак во себе има и морална димензија и тн.

„Нашата анкета направена за ова истражување покажа дека за 5 отсто од македонските даночни обврзници е потполно прифатливо доколку се има шанса да се мами за даноците, за дополнителни 5 отсто донекаде е прифатливо мамењето кај даноците. За 65 отсто воопшто не е прифатливо мамењето во даноците, а за уште 20 отсто до некаде е неприфатливо. И после 20 години степенот на прифаќање на мамењето на даноци како морален аспект на ниво на држава е непроменет“, се вели во студијата.

Според резултатите на истражѓувањето, поединците кои изразуваат доверба во својата влада покажуваат повисок степен на даночен морал од оние што немаат доверба, како и дека поголема фискална дисциплина ќе придонесе кон довербата во фискалните власти што ќе влијае позитивно на даночниот морал.

„Различното толкување на законите, честата промена на легислативата, недоследната примена на законите, или воопшто нарушеното владеење на правото, може да доведе до намалување на даночниот морал и до намалена доверба дека јавните средства ќе бидат ефикасно искористени“, велат од ЦЕА.

Според истражувањето, даночниот морал и доброволното исполнување на даночните обврски се во корелација со довербата во институциите и ефективната комуникацијата со граѓаните.

„Детерминантите за даночниот морал во Македонија се силно поврзани и зависни од степенот на довербата во владата, администрацијата и правниот систем – владеење на правото; од начинот и степенот на двонасочна комуникација помеѓу даночните власти и граѓаните како и нивното ефективното учество во носењето на одлуките (функционална демократијата), од транспарентноста и отчетноста на системот за јавни финансии вклучително и фискалната дисциплина“, се вели во студијата.

Публикацијата е изготвена со помош на Европската унија во склоп на Проектот за даночна одговорност – кон граѓанска одговорност и одговорни даноци. (М.Ј.)