Николоски во Миравци пушти во употреба новоизграден пазар
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски при денешната посета на Гевгелија, најави дека се обезбедени 30 милиони денари за изградба на „Западен булевар“ во Гевгелија за кој очекува набрзо да започне неговата изградба.
Тој потенцираше дека се обезбедени 100 милиони евра за оваа година за инфраструктурни проекти за општините, а за следната година планирани се 250 милиони евра директна поддршка исто така за проекти во општините.
Николоски заедно со градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, го посетија и населеното место Миравци каде пуштија во употреба новоизграден пазар.
„Оваа година од средства од заемот за Светска банка одобривме 10 милиони денари кои што се реализирани за селото Мрзенци, а пред неколку дена само што ги одобрив 30 милиони денари за изградба на „Западен булевар – Климент Охридски“, што практично треба да отвори цел еден нов дел во градот, нешто што е заложба на градоналачникот од првиот ден. Тука секако се и средства што ги определи Владата во висина од 100 милиони евра за оваа година за општинте. Најголем дел од средствата ќе одат преку Министерството за транспорт, а во соработка со Гевегелија ќе работиме на реализација на проекти од овие средства“, изјави Николоски.
Министерот Николоски најави дека во соработка со ЈП за државни патишта ќе се реконструира автопатската делница од Гевгелија до ГП „Богородица“ и од Гевгелија до Неготино, додека во делот на општина Богданци се работи на изградба на обиколница во Општината. Тој најави дека следи период на силна градежна офанзива во сите општини во државата.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, пак, истакна дека Владата обезбедува силна поддршка за локалниот развој на Гевгелија. Пазарот во селото Миравци е проект на Општината со инвестиција од 4 милиони денари.