Независните влегоа во советите


На овие локални избори со независни советнички листи се настапуваше во 40 општини, односно во половина од општините во државата како и за советот на Градот Скопје.

Засега, според Слободен печат, најубедлива победа е онаа на советничката листа „За наше Куманово“, предводена од Ивана Ѓорѓиевска, која освои 22,20 проценти од гласовите и изби на второ место, со освоени вкупно осум советнички места. Во Битола се настапуваше со три независни листи, од кои само листата „Поинаку“ предводена од Габриела Илиевска го надмина прагот и тие сега имаат тројца советници, додека во претходниот Совет на Општина Битола беа застапени со двајца советници.

Тројца советници ќе има и од листата на „Шанса за Центар“ предводена од досегашната независна советничка во Општина Центар, Јана Белчева, со освоени 11,70% од гласовите. Двајца советници доби и независната советничка листа предводена од Хамди Сулејмани „Подобро за Тетово“, на која за само неколку десетици гласови им избега и третото советничко место. Засега, на едно сигурно советничко место, а можеби и две, во Совет на Град Скопје сметаат и од “Зелен хуман град“.

Во дваесетина општини независните листи за советници котираат како трети или четврти по бројот на гласовите, па допрва, со добројувањето ќе биде познат и конечниот број на освоени советнички места. Така, во Богданци, група избирачи со носител Борис Ванчев се трети по освоени гласови односно освоиле 11, 75% од вкупниот број гласови. По еден советник во општините Струмица, Ново Село и Босилово доби советничката листа „Стига е“. „Независни за Карпош“, листа предводена од Невена Георгиевска доби еден советник, а второто советничко место сѐ уште виси поради тоа што не се преброени сите гласови.

Во Гевгелија, независната листа предводена од Томе Ќичуков е трета по освоени гласови со речиси 8 проценти од гласовите, во општина Дебарца листата предводена од Димче Андрески е трета со 13,31% од гласовите, Во Демир Капија листата предводена од Андон Крстевски е трета со 7.69% од гласовите, а истата позиција во општина Илинден ја оствари листата на група избирачи со носителот Трајче Илиевски кои освоија 11,10% од вкупните гласови на граѓаните.

Трети на листата се и независните во Кавадарци со 8,30% од гласовите, во Кичево Агим Садику со 12,58%, во Кочани Венко Крстевски освои 8,36 проценти од гласовите и во Кратово листата предводена од Македонка Ангеловска освои 14,81% од дадените гласови на граѓаните.

Во Македонски Брод се гласаше за дури пет независни советнички листи од кои четири го надминаа цензусот од 5 % од освоените гласови. Во Могила листата предводена од Златко Шурбевски е трета со освоени 8,40% гласови, во општина Петровец независната листа на чие чело е Александар Јаневски е трета со 15,50%, во Пехчево на трето место по освоени гласови е листата на независни со носителката Виолета Ѓорѓиевска со освоени 19,88% од гласовите, а истата позиција по освоени гласови ја доби во Радовиш листата на носителката Александра Трајанова Илиев со 11,93% и во Ранковце онаа предводена од Дарко Спасовски со 10,66% од вкупните гласови на граѓаните за советничките листи.