Невреме во Кавадарци, се излеа Луда Мара, блокирани улици од паднати дрвја…
Реката Луда Мара е излеана на некои места, блокирани се улици од паднати дрвја од невремето попладнево во Кавадарци.
– По обилното невреме што го зафати нашиот град и за кратко време беа наврнати големи количества на дожд, град и силен ветер, настанати се последици од ова кратко, но силно невреме, информираше кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев на Фејсбук.

Тој напиша дека се апелира до граѓаните, да останат во своите домови, затоа што некои улици се блокирани од паднати дрвја, а на некои места е излеана реката Луда Мара и има наноси од силното невреме.
– На терен се службите на ЈП Комуналец како и ТППЕ Кавадарци. Исто така се апелира до граѓаните доколку имаат било каков проблем од настанатото невреме да пријават на телефонските броеви на ЈП Комуналец, ТППЕ Кавадарци и на 13 300, појасни Јанчев.
Невреме со врнежи од град го зафати попладнево Кавадарци, големи количини на вода се слеваат по улиците и тротоарите во градот, од поројните дождови. Засега не се знае дали градобијните зрна имаат предизвикано штети на земјоделските култури, во време кога е актуелна и бербата на грозјето од годинешнава реколта.
Врнежи од град деновиве имаше и во селата од Поткожувјето, оддалечени околу четириесетина километри од градот.

Општина Демир Капија ги повика денеска земјоделците, да пријават штети од град, последица од невремето што го зафати демиркаписко во неделата.
– Се известуваат земјоделците од општина Демир Капија кои имаат претрпено штети од елементарна непогода – град, дека можат да пријават штети на своите насади, со доставување на барање за проценка на штетата во просториите на Општина Демир Капија, секој работен ден од 8.30 до 13 часот, до наредниот вторник. Покрај барањето, пријавата треба да биде дополнета со фотокопија од лична карта,
фотокопија од трансакциска сметка и копија од имотен лист, се вели во соопштението до земјоделците.
Првичните информации говорат дека штетите се најголеми во атарите на селата Бистренци, Корешница и Прждево. Но, како што нагласија од Општината за МИА, комисијата што ќе излезе на терен, ќе ги утврди точните оштетувања, со цел обесштетување на земјоделците од страна на државата.