Невладина од с.Слатино со 65 жители добила грант за намалување на невработеноста
Слатино, село со 65 жители во Македонија од Министерството за политички систем на Артан Груби добило грант од 600.000 денари за ИТ Академија за намалување на невработеноста. Ова е само еден од 33 грантови, од кои патем сите со иста максимална сума од околу 10.000 евра, што се доделени на невладини организации од кои за повеќето никој не слушнал и од кои десетина се основани во села со едвај две илјади жители.
Одлука за финансирање на граѓанските организации од Министерство за политички систем беше објавена на 19 декември во Службен весник, а од неа се гледа дека речиси 90 отсто од грантовите се несразмерно доделени во западниот дел од Македонија.

-Концентрација во еден-два региони! Дали ова е доволно за постапување на ДКСК, ЈОРМ, КСЗД, ПБПК?- запраша вчера јавно Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ, објавувајќи мапа каде се наоѓаат невладините што ги добија државните пари да развиваат разни проекти поврзани со соживот, невработеност, образование, сончеви колектори, заштита на животната средина и слично во вредност од над 300.00 евра.

Меѓу нив Здружение за рурален туризам, еконолија и традиција од село Куратица ќе развива проект за Рамковниот договор како модел за решавање на меѓуетнички конфликти, додека друг грант завршил во Голема Речица – на Здружение за спорт, рекреација и екологија (Шар19) кое ќе спроведува проект за јазикот на омразата. Во село Нераште пак со 2.700 жители има и Институт за развој, култура и екологија, што ја отвора дилемата – работи ли некој нешто што значи производство и како со волку институти и академии по селата толку е заостаната Македонија.
