Неверојатно: Политичар во Австралија се збогува со парламентот на посебен начин, пиеше пиво од патика


Пратеникот од лабуристичката партија на Западна Австралија, Кајл Мекгин, предизвика шок низ парламентот откако одлучи да го одбележи својот последен ден како парламентарец на посебен начин.

Мекгин, кој беше пратеник во Парламентот во два мандата за прашањата за рударство и сточарство, го заврши својот проштален говор со типично австралиско збогум кога ја соблече патиката, сипа пиво во неа, а потоа го испи.

Пред да го стори тоа, Мекгин им се заблагодари на своите избирачи и нагласи дека е навикнат сите да го критикуваат.

„Долго и напорно размислував како да го завршам овој говор и мислам дека моите избирачи во Голдфилдс ќе бидат особено благодарни. Постои само еден начин да се направи тоа, а јас сум навикнат да ме караат, па затоа можеме да го завршиме ова сега, но би сакал да им кажам на членовите и избирачите низ цела Западна Австралија, ви благодарам за двата фантастични мандати, на здравје“, рече тој.

Некои членови на парламентот беа шокирани од овој чин, додека други се смееја, па дури и аплаудираа.

Во интервју за медиумите во оваа земја, Мекгин им рече на презентерите дека го извршил чинот за да покаже дека има нормални луѓе во парламентот и дека тие слават на свој начин.

„Мислам дека парламентот честопати може да изгледа недостапен, знам дека кога првпат влегов во парламентот мислев дека станува збор само за политичари, но таму горе има нормални луѓе“, рече тој.