„Неверојатен ден за светот“: Трамп го потпиша мировниот договор за Газа

Покрај американскиот претседател на договорот потписи ставија и лидерите на Египет, Катар и Турција


 

По повеќе од две години војна во Газа и заробеништвото на израелски заложници, денес се случи историски пресврт во односите меѓу Израел и Хамас. Сите преживеани заложници беа ослободени од Газа и вратени во Израел, додека во исто време започна размена на палестински затвореници, вкупно 2.000, кои по години поминати во израелските затвори беа префрлени на Западниот Брег и Појасот Газа.

Во Тел Авив, на Плоштадот на заложниците, илјадници луѓе со големи емоции го гледаат враќањето на ослободените, додека низ целиот Израел семејства се обединуваат по повеќе од две години неизвесност. Земјите посредници во преговорите за завршување на војната во Газа, Египет, Катар и Турција, потпишаа документ со Трамп за завршување на војната во таа енклава. Документот беше потпишан за време на меѓународниот самит на околу дваесетина светски лидери во египетското одморалиште Шарм Ел Шеик на Црвеното Море.

Американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша мировниот план за Газа за кој рече дека ќе стави крај на вековниот конфликт на Блискиот Исток. Заедно со Трамп, договорот го потпишаа и египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, а на церемонијата присуствуваа голем број светски лидери, меѓу кои и катарскиот емир Тамим бин Хамад ал-Тани, италијанската премиерка Џорџа Мелони, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер…

„Ова траеше 3.000 години, можете ли да верувате? И ќе функционира“, рече Трамп додека го потпишуваше документот. „Ова е неверојатен ден за светот. Овој договор ќе спречи Трета светска војна што можеше да се случи токму тука на Блискиот Исток“.

Зборувајќи на церемонијата, Трамп им се заблагодари на светските лидери за нивниот придонес во договорот. Тој го нарече емирот на Катар „клучен за постигнување мир“, а за Ердоган рече дека Турција има „една од најмоќните војски во светот“. „Ердоган е тврд орев за кршење, но тој е мој пријател. Кога НАТО има проблем со него, ме викаат и ми велат, можете ли да разговарате со него? И тој секогаш е на висината“, рече Трамп.

Тој му се заблагодари на египетскиот претседател ал-Сиси за неговата „помош и стабилност“, додавајќи дека Египет е „земја со многу малку криминал“. Тој ја нарече италијанската премиерка Џорџа Мелони „многу силен лидер кој одлично ја врши работата“. Трамп рече дека договорот „детално ги пропишува правилата и обврските на сите страни“, а во својот говор го спомена и прашањето за враќање на телата на израелските војници од Газа, велејќи дека „моментално се работи на идентификација и враќање“.

Турската влада во понеделникот објави дека Анкара одиграла одлучувачка улога во спречувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да присуствува на самитот за Газа во Египет.

„На иницијатива на претседателот Реџеп Таип Ердоган, благодарение на турските дипломатски напори и поддршката на другите шефови на држави и влади, Нетанјаху нема да учествува на состанокот во Египет“, изјави претставник на турската влада за германската агенција ДПА.

Израел ја претстави ситуацијата поинаку. Во понеделник напладне, кабинетот на египетскиот претседател објави дека Нетанјаху доаѓа, само за кратко потоа да биде демантиран од кабинетот на израелскиот премиер.

Канцеларијата соопшти дека Нетанјаху му се заблагодарил на претседателот Доналд Трамп за поканата за Египет, но не можел да патува поради еврејскиот празник Симхат Тора.