Невакцинираните деца нема да се примаат во градинките


Забрана во градинките за деца кои ја немаат вакцина МРП, намалување на возраста за вакцинација од 12 на шест месеци, како и уредно вакцинирани негувателки и воспитувачки во градинките, вакцинирани наставници во училиштата и здравствените работници, вакцинирани со две дози вакцини, се мерките што важат од вчера, по прогласувањето епидемија на морбили во целата држава. Се воведува и забрана за посети во здравствени установи. Епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје оцени дека прогласувањето на епидемијата е неопходно за да се спроведат дополнителни мерки за заштита на населението и за да се намали бројот на новозаболени, како и да се спречат тешките форми на компликации и смртни исходи.

„Се забранува посета на градинките за сите деца кои се невакцинирани согласно со календарот за имунизација. Основното и средното образование во земјава се задолжителни, така што Министерството за здравство не може да ја забрани посетата на учениците во училиштата, дури и во услови на епидемија. Најголем дел од заболените деца се на возраст под пет години, претшколски деца, поради што мерките се насочени кон нив. Секако имаме и деца што не се вакцинирани, а посетуваат училиште, меѓутоа нивниот број е помал, најчесто од прво одделение, бидејќи кај поголемите ученици опфатот на вакцинирани е над 93 отсто. Најмногу пријавени имаме во малите возрасни групи и потоа кај возрасните над 20 и 30 години. Втората мерка е да се намали возраста за вакцинирање од 12 месеци на шест месеци, бидејќи голем број од заразените, речиси 100 деца, се на возраст под една година. Сите здравствени работници мора да бидат вакцинирани со две дози на МРП, а тоа важи и за студентите и за учениците од средните медицински училишта кои одат на практична настава. Дополнително, бидејќи имаме заболени меѓу повозрасните лица кои според редовниот календар не подлежат на вакцинација,  донесена е одлука да се зголеми возраста за вакцинација, така што секое лице постаро од 14 до 60 години ќе може слободно да се вакцинира во центрите за јавно здравје“, рече доктор Микиќ.

Според него, повеќе од 70 деца со мали сипаници се хоспитализирани, од кои 55 се на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а 15 се на Клиниката за детски болести. Од нив повеќе од седум се во потешка состојба, но сите се хоспитализирани бидејќи имале компликации. Од почетокот на епидемијата во декември во 2018 година досега, над 970 граѓани заболеа од морбили, а вкупниот број вакцинирани на возраст до 14 години со МРП-вакцина е 19 461. Во вкупно 20 градови лекарите регистрирале случаи на мали сипаници, а само изминатата недела повеќе од 60 отсто од пријавените случаи, што беа најмногу на неделно ниво, биле надвор од Скопје. Инаку, активни епидемии на мали сипаници досега имаше во шест здравствени региони – Скопје, Тетово, Куманово, Гевгелија, Кичево и Струга со вкупно население кое е повеќе од половина, односно 55 отсто од територијата на државата.

За полесна достапност на вакцинацијата, службите за вакцинација во рамки на здравствените домови треба да организираат двапати во неделата работа во две смени, а на неделно ниво да доставуваат податоци до Државниот санитарен и здравствен инспекторат за децата кои не се јавиле на доставените покани за вакцинација. Декa е прoглaсенa епидемијa од морбили, Институтoт зa јaвнo здрaвје јa известил и Светскa здрaвственa oргaнизaцијa.

„Прогласувањето епидемија на ниво на цела држава нема други посебни импликации во однос на ограничувањето на движење  внатре во државата и надвор од неа. Прогласени беа епидемии во Бугарија, Грција, Албанија, Србија и тие не подразбираа ограничување на движењето“, додаде Микиќ.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи родители се жалат дека во Куманово не можат да ги вакцинираат децата со МРП-вакцина бидејќи немало вакцини во вакциналниот пункт, а фалат вакцини и во Кичево, градови во кои епидемија беше прогласена уште претходно. Од Министерството за здравство вчера одговорија дека во Куманово ќе бидат дистрибуирани МРП-вакцините  во текот на денот.

„Министерството за здравство, согласно со потребите на здравствените установи, врши дистрибуција на квартално ниво, а во одредени случаи и врз основа на вонредно барање од самата установа. Во таа насока, конкретно за Здравствен дом Куманово, согласно со претходно договорената динамика, дистрибуцијата ќе се реализира во текот на денот. Инаку, нема недостиг на вакцини во моментов, а дополнително Министерството за здравство набави и дополнителна количина вакцини од новата серија“, велат од Министерството.

Од почетокот на епидемијата со морбили, па досега имаше три жртви поради компликации од болеста, а на Клиниката за гинекологија во Скопје во последните три месеци биле примени три пациентки заболени со морбили кај кои бил извршен абортус.

„Едната пациентка се јавила на првостепена комисија, по свое барање, за прекин на бременоста поради заболување од морбили. Од комисијата ѝ било дозволено и бил извршен прекин на бременоста по сите протоколи во нашата клиника. На првостепена комисија се јавила уште една пациентка со прележани морбили во текот на бременоста. По нејзино барање, одобрен ѝ бил прекин на бременоста. На ГАК-Скопје била примена и пациентка од Велешко во 22. гестациска недела, по претходни три царски реза, а последниот пред 18 месеци. Таа имала осип и по  приемот доживеала спонтан абортус“,соопштија од ГАК.

Вероника Мароска-Леова