Нетанјаху: Елиминирање на раководството на Хамас е клуч за запирање на војната


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека елиминирањето на лидерите на Хамас кои живеат во Катар би претставувало отстранување на главната пречка за ослободување на сите заложници и за запирање на војната во Појасот Газа, јави весникот „Јерусалем пост“.

Нетанјаху потсети дека израелската армија претходно оваа недела изврши напад врз претставници на Хамас во катарската престолнина Доха.

– Терористичките лидери на Хамас кои живеат во Катар не се заинтересирани за луѓето во Газа. Тие ги блокираа сите обиди за прекин на огнот за да ја продолжат војната бесконечно. Нивното отстранување би значело отстранување на главната пречка за ослободување на сите наши заложници и за запирање на војната, напиша Нетанјаху на социјалната мрежа „Икс“.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека разликите во ставовите меѓу Израел и САД околу нападите во Катар „нема да ја променат“ поддршката на Вашингтон за Израел.