Несекојдневна трка во Маврово: Во сурови услови со 20 препреки
Скокање преку вертикални ѕидови, качување по јаже, ползење низ кал, носење вреќи со песок, гаѓање со копје, трчање низ плитки потоци, стрмнини, адреналин, забава, среќа, болка и задоволство се само некои од работите кои се најавени од организаторите на првата трка од ваков тип во државата. Како што е најавено и на нивниот веб сајт стазата за трчање ќе биде долга 12 километри и по нејзината должина ќе бидат поставени 20 препреки кои секој натпреварувач ќе треба да ги совлада. Настанот привлекува внимание поради тоа што за прв пат се организира во државата, а вистинските љубители на овие настани се веќе одамна запознаени со ваквите трки во странство кои се многу популарни, па еве прилика за првпат да видиме нешто такво и кај нас.
Трката е предвидена за 26-ти Септември 2021 година во с.Леуново, Маврово, ваков тип на трки се наречени OCR(obstacle course race) и се вистински хит веќе некое време во светот. Настанот кај нас е поддржан од националниот парк – Маврово, а веќе пристигнуваат и првите спонзори коишто сакаат да се вбројат како поддржувачи на овој настан.
Идејата на организаторите е преку ваков тип на трки да се гради силниот и пожртвуван спортски дух кај младите, да се почувствува одреден вид на психо-физички замор на телото со цел подобро да се запознаеме себе си во некои исклучителни ситуации. Најавено е дека на трката ќе преовладува забавата и дружењето иако за најдобрите сепак има обезбедено и солидни парични награди.
На социјалнитe мрежи веќе постојат и официјални профили на трката кои можете да ги најдете во пребарувачот под името @leunovoocr
На натпреварувањето може да се пријавите екипно или индивидуално, а наградите изнесуваат 300, 200 и 100 евра за првите три места во индивидуална конкуренција на мажи и жени, односно 400, 300 и 200 за првите три места во екипна конкуренција.
Како да се пријавите и подетални информации за пријавување на настанот можете да прочитате тука www.ocr.mk