Непријатна сцена во Белата куќа: Мелони ја прекина преведувачката и самата му преведе на Трамп


На важна средба меѓу италијанската премиерка Џорџија Мелони и американскиот претседател Доналд Трамп, преведувачката на италијанската премиерка била збунета па Мелони ја прекинала.

Преведувачката која работи за италијанската премиерка Џорџија Мелони јавно се извини откако очигледно имала проблеми со преведувањето за време на состанокот во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп, објави во саботата агенцијата ДПА.
„Она што се случи е најлошото нешто што може да му се случи на еден преведувач, тоа е ужасно срамно“, изјави Валентина Мајолини-Ротбахер за саботната „Кориере дела сера“.

Забележувајќи дека нејзиниот преведувач се мачи, Мелони ја прекина и ја преведе сопствената изјава на англиски.

„Мелони беше во право што ме прекина. Тоа беше многу важен состанок и секој збор имаше голема тежина“, изјави Мајолини-Ротбахер. „За среќа, не реков ништо глупаво“, додаде таа.

Таа објасни дека првпат е во Белата куќа, дека не добила никаква помош и дека околу неа било многу бучно.

Во еден момент Трамп и се обрати со зборовите „Те молам, те молам“. Мајолини-Ротбахер рече дека сето тоа веројатно ја збунило.

Преведувачите обично се присутни на меѓународните состаноци, имајќи предвид дека политичките лидери претпочитаат да го користат својот мајчин јазик во јавната комуникација дури и кога добро зборуваат англиски, како што е случајот со италијанскиот премиер.

Мајолини-Ротбахер е позната како многу искусен преведувач и досега има работено на голем број важни самити, посочува агенцијата Дпа.