Негативната кампања ја одржува политичката криза
Јазични бравури, провокации, метафори, гафови, најразличен спектар на споредби кои се влечат од богатиот партиски арсенал го одбележаа досегашниот тек од претседателската кампања. Граѓаните веќе инстиктивно чувствуваат дека како што ќе се плови кон завршницата, валканиот политички јазик сè повеќе ќе се користи како најубиствено оружје.
Сведоци сме, велат политичките набљудувачи, на комплетно негирање на другата страна, што создава неподнослива хистерија во јавниот дискурс што го одржува статус квото од времето на најголемата политичка криза. Партиските лидери, според нив, ги поклопија кандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова. Тие, пак, како што забележуваат, покажуваат повеќе или помалку една непријатност од партиската наметка. Се обидуваат очајно да пратат сигнал до јавноста дека без оглед што на средбите со граѓаните се опкружени со партиските првенци и членови, поседуваат свој интегритет и независност.
Пендаровски, на пример, порачува дека со него како претседател ќе има и внатрешен „камшикар“, алудирајќи на изјавата на премиерот Зоран Заев дека ни треба еден „камшикар“ од Брисел. На трибината во Центар, на која повеќето од присутните беа партиски членови на СДСМ, пак, побара да не го фалат повеќе, чувствувајќи веројатно дека неколкуте излагања во кои се величаше неговиот лик и дело и кои се граничеа со идолопоклонство може да предизвикаат контраефект доколку се претворат во „заштитен знак“ на кампањата.
„Благодарам, но од денеска навистина забранувам вакви пофалби. Денеска по медиумите имаше и луѓе кои пишуваа коментари во кои велат Пендаровски ги штелува позитивните коментари и носи изнајмени глумци кои зборуваат само добро. Немојте да ме фалите повторно, ве молам“, рече Пендаровски по една патетична славопојка на една од присутните, за разлика, да речеме, од фино нијансираното позитивно излагање на професорката Ана Чупеска-Станишковска на конвенцијата во „Борис Трајковски“ во кое посочи зошто треба да се гласа за него.
Неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова, пак, вели дека била модерна жена и дека повеќе би сакала скромна кампања во која, како што нагласува, можеби не би требало да има такви масовни собири.
„Искрено, не се чувствувам пријатно по билборди. Сепак, го почитувам членството, јас сум нов човек меѓу тие луѓе. Помнат дека сум ги критикувала, но отворената врата многу зборува“, ќе рече Силјановска.
Забележливо е дека таа се поинтензивно зборува дека не треба да се бојкотираат изборите што, според политичките посматрачи, укажува на тоа дека таа има недоверба во истото тоа членство кое и ја отворило вратата, па и во цврстината на ставот за излегување на гласачките кутии на партиското раководство на чело со Христијан Мицкоски.
Социјалдемократите вчера преку соопштение рекоа дека за само три дена од почетокот на кампањата за претседателските избори Силјановска трипати ги излажала граѓаните.
„Силјановска лаже дека е натпартиски кандидат, а всушност е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ. Не може ниту штаб да отвори без присуство на Мицкоски, чиј кандидат е. Силјановска лаже дека е за правда, а брани криминалци и насилници. Дури и слоганот ѝ е лажен и лицемерен. Силјановска лаже дека не го признава и нема да го користи уставното име на државата, а официјален документ покажува дека е потпишана на кандидатура за претседател на Република Северна Македонија“, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вратија дека Пендаровски и Заев се двете лица на иста паричка и дека тоа и самите го кажуваат.
„Слушнавте како Стево Пендаровски вели дека Зоран Заев може да зборува за неговите програмски определби и дека 102,5 отсто се исти политички и дека имаат исти програмски цели односно програмските цели и политиките се оние на Зоран Заев. Тоа е отворено признавање дека Заев на овие избори оди по апсолутна власт. Претседател нема да е Пендаровски, туку Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од негативната кампања или процесот на ширење негативни информации за да се наруши јавната слика за политичкиот противник, според експертската јавност, очигледно не може да се побегне. Но тоа предизвикува адреналински ефект само кај слепите поддржувачи, а ги одбива неутралните гласачи.
„Барем засега претседателските кандидати ги немаат дизајнирано и адаптирано своите кампањи на социјалната клима. Тие треба да покажат зрелост и социјална одговорност за надминување на деструктивната политичка поларизираност. Секако дека зад нив стојат тимови, но тие не се кукли туку интелектуалци со свој интегритет кои треба да ја смират целокупната неподнослива атмосфера“, вели универзитетската професорка Јасна Бачовска. Таа забележува дека кампањата има американски шмек.
„Американскиот стил на кампања е поразличен од тој во Европа, каде што се демонстрира поголема одговорност. Во САД политиката е производ за пазар. Се рекламира кандидатот како најдобар производ. Токму како во рекламите, да речеме, за шампон од кои косата ќе ви биде убедливо најубава и најсјајна. Сведоци сме на стартот од кампањата на претерана комерцијализација и вокабулар со кој учесниците се обидуваат да ја засенат невтемелноста на своите ветувања“, вели Бачовска, која нагласува дека од кандидатите не треба да се прават богови туку тие да се претстават како нормални луѓе со висока социјална одговорност.
„Засега гледаме едно комплетно негирање на другата страна, една неподнослива хистерија која го одржува статус квото од времето на најголемата политичка криза. Очекувам од кандидатите во натамошниот дел од кампањата да се потрудат колку што е можно да ја променат таа разочарувачка слика“, вели Бачовска. (Н.К.)