Навални бил убиен претходната ноќ?
Рускиот опозиционер Алексеј Навални „веројатно бил убиен ноќта претходно“, а шефот на затворот и вработените биле видно вознемирени кога дознале за смртта следното утро, иако немало амбулантни коли, раскажува затвореник од колонијата во Kарп во Сибир за „Новаја газета Европа“.Неименуваниот затвореник открива и дека во исто време кога дознале за смртта на Навални, затворениците во ИК-3 биле известени дека во нивната колонија доаѓаат инспектори од Централната канцеларија на Федералната казнено-поправна служба.
– Сé започна кога ни ја забрзаа вечерната рутина, како што обично се случува на празници, но сега не беше така. Потоа нé затворија и го зајакнаа обезбедувањето. Слушнавме дека возилата влегуваат во затворот доцна во ноќта, метеж, но од ќелиите не можевме да видиме што се случува – вели затвореникот.
Чуварите, според него, следното утро детално ги пребарале ќелиите, одземајќи телефони, шпил карти, греалки и други работи, како во случаите кога доаѓа надворешен увид.Меѓутоа, во петокот околу 10 часот во затворот се појавила веста за смртта на Навални.
– Затворската ќелија во која беше сместен Навални е настрана, но ќе ја видеа брзата помош како доаѓа до неа. Но, тоа утро во колонијата немало амбулантни возила, дошле дури откако се дознала веста за неговата смрт. Така што мислам дека умре многу порано отколку што беше официјално наведено, најверојатно претходната вечер. Зошто инаку така би не затворале и темелно би не претресувале? – рекол затвореникот.
Според него управникот на затворот Вадим Калинин и шефот на операциите на затворската колонија изгледале вознемирени веднаш по објавувањето на веста за смртта на Навални.
– Во попладневните часови во управната единица пристигнаа неколку возила. Едниот бил од затворот ИК-18, друг од Салехард, а уште неколкумина од Лабитнанги. Мислам дека сакаа да си ги ускладат приказните пред да дојдат инспекторите – вели изворот на „Новаја газета Европа“.
Според „Новаја газета“ исказите на затвореникот се индиција дека Навални бил убиен порано од времето кое го објавиле руските власти. Затвореникот смета дека Навални бил убиен „најверојатно претходната ноќ“.
– Зошто инаку би нѐ затвориле толку целосно и темелно би нѐ испитувале – прашал затвореникот.
Додека затворениците веруваат дека ниту Калинин ниту неговиот персонал немале никаква врска со смртта на Навални, тие не ја исклучуваат можноста дека им било наредено да направат нешто против нивна волја.
Патологот Ирина Синтова рече дека првата обдукција ќе го утврди точното време на смртта на Навални врз основа на температурата на телото, вкочанетоста и содржината на внатрешните органи.
– Доколку умрел од тромбоемболија, како што тврдат надлежните, првата обдукција тоа јасно ќе го покаже, а втората ќе потврди. Но, малку е веројатно дека последователната обдукција ќе го одреди точното време на смртта – рече таа, додавајќи дека семејството на Навални се сомнева во причината за смртта дадена од властите и ќе инсистира на независна обдукција.
Анонимен форензичар за „Новаја газета Европа“ изјавил дека познавањето на точното време на смртта не е важно само за утврдување на причината, туку и за реконструкција на настаните кои претходеле.
– Постои голем ризик последните часови од животот на Алексеј Навални засекогаш да останат мистерија и за неговото семејство и за јавноста – рече тој.
Во случај на можен тромбоемболизам, згрутчувањето на крвта можело само да настане, но исто така можело да биде предизвикано од физички удар – на пример, удар на местото каде што се формирал тромбот.