Наставник од Прилеп држи бесплатни онлајн-подготовки за 6-то одделение по математика

Бесплатни онлајн-подготовки за претстојниот општински напревар по математика за 6-то одделение организира наставникот по математика Игор Богданоски од основното училичте „Блаже Конески“ во Прилеп. Првиот час се одржа синоќа.
Пред почетокот Богданоски на социјалните мрежи објави повик до колегите, родителите и учениците.
– Со моите ученици почнувам онлајн-подготовка за општинските натпревари по математика за 6-то одделение. Сеедно дали ќе работам со 15 или со 350 ученици. Решив овие средби да ги отворам и да се бесплатни за сите ученици од државата кои оваа година учат во 6-то одделение – вели Богданоски.
Часовите траат по 60 минути и се организираат на Microsoft Teams. Да учествувате на нив потребна е единствено каква било електронска адреса. За новите термини следете го Фејсбук профилот на Богданоски.
До 28 јануари трае пријавувањето за општинскитe натпревари по математика за основно и средно образование, соопшти Сојузот на математичарите на Македонија. Според здружението кое е акдредитиран организатор на натпреварите, пријавувањето на основците и средношколците го вршат училиштата, преку назначен наставник-координатор од училиштето.