Настаните по изборите уште повеќе го приближија Вучиќ до Москва

„Њујорк тајмс“ пишува дека обвинувањата на рускиот амбасадор за западна вмешаност во Белград се нов обид на Москва да го држат при рака претседателот на Србија


Од протестите во Белград засега нема резултат што го сака опозицијата

 

Обвинувањата на рускиот амбасадор во Србија е најнов напор на Москва да ја спречи дипломатската кампања за излегување на Србија од руската орбита, пишува „Њујорк тајмс“.

Ловејќи во немирните води на Србија по спорните избори, Русија во понеделникот го обвини Западот дека организира антивладини улични протести во Белград, кои прераснаа во насилни во неделата вечерта, пишува американскиот весник.

Тврдењата на рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко за заговор на Запад ги претставуваат најновите напори на Москва да ја осуети досегашната (главно неуспешна) дипломатска кампања на Соединетите Американски Држави и Европа да ја извлечат Србија од руската орбита и да ги прекинат традиционално силните врски меѓу двата словенски и православни народи, се вели во текстот.

Претходно мирните улични протести во Белград поради, како што вели опозицијата, наместени општи избори на 17 декември, ескалираа во неделата, откако демонстрантите се обидоа да упаднат во зградата на Градското собрание каде полицијата фрли солзавец врз нив.

Рускиот амбасадор во телевизиско интервју рече дека има „непобитни докази“ дека „немирите“ биле поттикнати од Западот.

Со ова, тој ги повтори тврдењата на српскиот претседател Александар Вучиќ, дека неговата влада е нападната од надворешни сили кои бараат „обоена револуција“, термин кој Русија го измисли за да ги опише народните востанија кои таа секогаш ги отфрла како заговори на Западот.

„Ова беше обид за насилно преземање на државните институции на Република Србија“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк, провладин канал, исмејувајќи ги обвинувањата за изборни нерегуларности како „лаги“ измислени од неговите политички противници.

Нема докази дека западните влади ги поттикнале минатонеделните улични протести против Вучиќ и она што неговите противници ги опишуваат како украдени избори во Белград, пишува „Њујорк тајмс“.

Протестите против изборите продолжија и во понеделникот.

Демонстрациите предводени од студенти привлекоа само скромен одѕив, но и го блокираа сообраќајот на централната белградска улица до седиштето на Владата.

Извештајот од минатиот понеделник на изборните набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) наведува дека на српските гласачи им бил даден широк избор на кандидати и дека „општо се почитува слободата на изразување и собирање“.

Но, се наведува, владејачката партија имала предност бидејќи „притисоците врз гласачите, како и одлучното учество на претседателот и системските предности на владејачката партија го поткопаа изборниот процес во целина“.

Владејачката Српска напредна партија, како што објави „Њујорк тајмс“, високо ја победи опозицијата на парламентарните избори овој месец, но лошо помина на изборите за градското собрание на Белград, извојувајќи тесна победа што опозицијата им ја припишува на гласачите за кои велат дека биле незаконски донесени во главниот град од другите области на земјата, од Косово и Босна.

Прифаќајќи го поразот во гласањето за новиот парламент, опозицијата вети дека ќе го поништи „наместениот резултат“ на изборите во Белград и организира секојдневни улични протести во текот на изминатата недела.

Западните земји, кои внимаваат да не ги „запалат мостовите“ со Вучиќ, се тивки во критиките за изборите.

Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, минатата недела ја повика земјата да се справи со „недостатоците“ на изборниот систем, но тој нагласи дека „американската влада со нетрпение очекува да продолжи да работи со српската влада“ и дека ова соработката вклучува регионални прашања, како и „желбата Србија да стане дел од семејството на западните народи“.

Србија аплицираше за членство во Европската унија во 2009 година, но нејзината апликација е во застој со години.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година, се зголемува притисокот од Западот врз Вучиќ да избере страна.

Вучиќ ја осуди руската инвазија на Украина, но одби да се приклучи на европските санкции против Русија и покажа мал интерес за решавање на долгогодишниот спор за статусот на Косово.

Злата крв полека стивнува меѓу Србија и Западот, кој го обвини Косово, а не Вучиќ, за ескалација на тензиите и за разгорување на насилството во доминантно српските области на северно Косово во септември.

Тој став доведе до обвинувања од европските политичари и коментатори дека се обидуваат да го „смират“ Белград, бидејќи во Вучиќ гледаат главна закана за мирот на Балканот.

Наместо да му дадат на Вучиќ поголема слобода да раскине со тврдокорните српски националистички сили тесно поврзани со Русија, како што се надеваше Вашингтон, неодамнешните избори се чини дека само го доближија до Москва.

По судирите во Белград во неделата вечерта, српската премиерка Ана Брнабиќ, блиска соработничка на Вучиќ, им се заблагодари на руските безбедносни сили што споделија информации кои укажуваат на западна рака во протестите на опозицијата.

„Веројатно нема да биде популарно кај оние од Западот, но особено вечерва чувствувам дека е важно да се залагаме за Србија и да им се заблагодарам на руските безбедносни служби кои ги имаа тие информации и ги споделија со нас“, рече Брнабиќ.