Наследникот на Јанева мораше да се знае досега


Разрешувањата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева отвора низа дилеми во јавноста за кои засега нема институционален одговор. Дали со прекинувањето на нејзиниот мандат ќе престане и мандатот на останатите обвинители на кои таа им е надредена? Значи ли тоа по автоматизам и прекин на судењата? Што ќе значи евентуално неуспешниот епилог на политичките преговори за новиот закон за јавно обвинителство со кој се регулира статусот на СЈО? Ќе назначи ли во тој случај Советот на јавни обвинители в.д. специјален обвинител од редовите на СЈО? Ќе треба ли тој да составува нов тим или повторно ќе ги предложи за избор до Советот истите десетмина обвинители?

Според законот за СЈО, обвинителите во ова јавно обвинителство немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваат јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство пред надлежниот суд. Катица Јанева е единствена надлежна да поднесува и да застапува обвиненија пред судот. Во законот се вели и дека мандатот на обвинителите нема да го надмине мандатот на специјалниот јавен обвинител.

Токму статусот на обвинителите е една од најголемите пречки за постигнување партиски договор околу новиот предлог-закон. ВМРО-ДПМНЕ смета дека обвинителите од СЈО треба да се вратат во матичните обвинителства. Но тоа носи опасност од застарување на предметите и ослободување на обвинетите од вина. Во таков случај предметите што актуелните обвинители ги застапуваа досега на судските рочишта, а кои се веќе на крајот, со пресуди или пред првостепени пресуди треба да ги преземат други обвинители, а тоа ќе значи почнување на сите судења одново.

Дел од правните експерти сметаат дека судењата без Јанева не може да продолжат оти така е предвидено во законот за СЈО. Според професорот Гордан Калајџиев, разрешување на тимот на СЈО е директно врзано со мандатот на специјалниот јавен обвинител. Духот на овој закон, според него, му дава специјално овластување на обвинителот кој се избира во специјална процедура, а сите други се негови помошници. Тој смета дека оваа слабост во строго монократскиот закон морало да се превенира навреме.

„Советот на јавни обвинители досега требаше да избере нов специјален јавен обвинител. Постапката требаше да ја започнат уште во април, со оглед дека мандатот на Катица Јанева истекува на 15 септември, а со цел новиот специјален обвинител да има време и простор да се адаптира на новата должност. Советот спие, а потоа некој друг е виновен“, вели Калајџиев.

Фото: Б. Грданоски

Јанева беше избрана за специјална обвинителка со мандат од четири години на 15 септември 2015 година, додека законот со кој се регулира функционирањето на СЈО е предвидено да важи пет години (до 15 септември 2020 година), но со можност да се продолжува „за еднаш годишно“, со одлука што Собранието би ја донело со двотретинско мнозинство.

Таа поднесе оставка на средината на јули каде што посочи дека нема да дозволи нејзиното име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и европските интеграции на земјата.

„Советот на јавни обвинители ниту во тој случај не реагираше, а мораше да го направи тоа веднаш штом нејзината оставка беше објавена на интернет-страницата на СЈО. Аргументациите што се слушаат во јавноста, дека таа наводно не ја депонирала оставката се глупости. Каде да ја депонира, во банка?!“, вели Калајџиев, кој учествуваше во изготвување на една од работните верзии на законот за СЈО која беше изготвувана со многу преговарања и отстапки меѓу партиите во неколкуте работни групи. На крајот таа верзија, како што вели, претрпела видливи измени со ракописот на меѓународниот фактор.

Додека во Собранието тече процедурата за разрешување на Катица Јанева, во судниците ништо ново. Одбраната на осомничените во случаите на СЈО упорно, но неуспешно, бара изземање на обвинителите на СЈО и стопирање на предметите додека не заврши постапката со разрешувањето.

Така беше и вчера со судењето за случајот „Траекторија“ за изградба на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, кое треба да продолжи на 16 септември, ден по законски предвидениот крај на мандатот на Јанева. Одбраната на стартот побара изземање на обвинителката Лиле Стефанова, сметајќи дека нема легитимитет да се застапува кој било предмет покренат од Јанева, вклучително и овој додека не се произнесат двете институции надлежни за нејзиното разрешување – Собранието и Советот на јавни обвинители.

Адвокатите се повикуваат на изјавите на обвинителите од СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, кои претходно кажаа дека за предметите за насилството во Општина Центар и рушењето на „Космос“ („Насилство“ и ТНТ) побарале Советот на јавни обвинители да им укаже за нивното полномошно за застапување на предметите, откако шефицата на СЈО, Катица Јанева, која е официјален застапник и потписник на сите обвиненија, стана осомничена и беше притворена за „Рекет“. Адвокатот Еленко Миланов посочи дека застапникот на обвинението, обвинителката Лиле Стефанова е и сведок против нејзиниот властодател Јанева во случајот „Рекет“ и додаде дека неколку предмети во фаза на предистражна и истражна постапка или за кои се поднесени обвиненија можат да бидат поврзани со оваа афера. Судот, како и во неколку претходни случаи, ги одби ваквите барања.

Случајот „Траекторија“ се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра. (Н.К.)