НАСА: Браната Три Кланци во Кина ја успори ротацијата на Земјата


Браната Три Кланци на реката Јангце во Кина, најголемата хидроелектрана во светот, предизвикала мерливи промени во ротацијата на Земјата, соопшти НАСА.

Огромната количина вода во акумулациското езеро со капацитет од 39 кубни километри ја променила распределбата на масата на планетата, успорувајќи го денот за 0,06 микросекунди и предизвикувајќи поместување на Земјината оска за околу 2 сантиметри, пренесе ДПА.

Според д-р Бенџамин Фонг Чао од Центарот за вселенски летови на НАСА „Годард“, овој ефект, иако минимален и без влијание врз секојдневниот живот, е мерлив и демонстрира како човечките активности можат да влијаат на планетарните процеси. Феноменот се објаснува со моментот на инерција: прераспределбата на масата подалеку од Земјината оска ја успорува ротацијата, слично како лизгач што ги шири рацете за да ротира побавно.