Најмалку 14 загинати при уривање во рудник за злато во јужна Венецуела

Каракас – Најмалку 14 лица загинаа при уривање во рудник за злато во градот Ел Каљао, во јужна Венецуела, како последица на поројните дождови во регионот, соопштија денеска итните служби.
Екипите за спасување информираа дека потрагата продолжува и дека телата на загинатите биле пронајдени во три одделни јами на рудникот „Куатро Ескинас де Каратал“.
„Првата фаза од спасувачките активности е испумпување на водата од сите јами во секторот, за да се намали нивото на водата, по што ќе се проценат можностите за спасување“, соопштија службите на социјалните мрежи.
Според спасувачите, бројот на жртвите се темели на сведоштва на други рудари. Поплавата предизвикала уривање на вертикалните јами.
Ел Каљао е рударски град со околу 30.000 жители, од кои повеќето директно или индиректно зависат од ископот на злато.