Наградниот фонд на УС Опен се зголеми за осум проценти
Њујорк – Наградниот фонд на последниот тениски Грен слем турнир во сезоната на УС Опен ќе биде зголемен за осум проценти во однос на 2022 година, објавија организаторите.
Годинешниот награден фонд на турнирот во Њујорк ќе изнесува 65 милиони долари. Победниците во сингл во машка и во женска конкуренција ќе добијат по три милиони долари, што е за 15 отсто повеќе од лани. Поразените во финалето во сингл конкуренција ќе добијат по 1,5 милиони долари, пренесува Танјуг.
Шампионите во двојки ќе добијат 700.000 долари, а поразените финалисти по 350.000 долари.
Отвореното првенство на САД годинава ќе се игра од 28 август до 10 септември. Титулата во поединечна конкуренција ќе ја бранат Шпанецот Карлос Алкараз и Полјакката Ига Швјонтек.