На сите обвинители во СЈО им висат мандатите


Фото: Б. Грданоски

На неполн месец пред завршувањето на мандатот на Катица Јанева, а со тоа и на мандатите на сите обвинители во СЈО на кои таа им е надредена, во политичко-правните кругови се отвора дилема како да се разреши главната специјална обвинителка или да биде прекината нејзината функција, а тоа да не повлече „распад“ на целото обвинителство што беше формирано за да ги истражи скандалот со прислушувањето и предметите што произлегоа од него.

Јанева втор ден е во притвор за „Рекет“, а оставката што ја најави пред повеќе од еден месец е практично неважечка, затоа што не е доставена ниту во парламентот, ниту во Советот на јавни обвинители. Таа беше избрана за специјална обвинителка со мандат од четири години на 15 септември 2015 година, додека Законот со кој се регулира функционирањето на СЈО е предвидено да важи пет години (до 15 септември 2020 година), но со можност да се продолжува „за еднаш годишно“, со одлука што Собранието би ја донело со двотретинско мнозинство.

По веста што ја слушнал од медиумите дека на специјалната обвинителка ѝ е одреден 30-дневен притвор, претседателот на Советот на јави обвинители Коле Штерјов вчера испратил допис до државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и до шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска. Штерјов побарал официјално да го известат за сите преземени активности и да му овозможат увид во списите од предметот, за евентуално да почне постапка за разрешување на Јанева и за именување нејзин наследник.

Во спротивно, како што изјави Штерјов за „Независен весник“, се доведува во прашање функцијата на сите обвинители во СЈО, со оглед на законската одредба според која мандатот на јавните обвинители што се избрани во ова обвинителство на предлог на Јанева нема да го надминат мандатот на јавниот обвинител. Штерјов, исто така, посочува на членот од Законот за СЈО со кој е предвидено дека обвинителите во ова јавно обвинителство немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваат јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство пред надлежниот суд.

Ден по апсењето на Јанева, во Кривичниот суд во Скопје вчера се појави обвинителката Фатиме Фетаи, за да присуствува на рочиште за случајот „Монструм“. Таа изјави дека СЈО продолжува со застапување на предметите во судница, без разлика што на нејзината шефица ѝ е одреден притвор.

– Она што се случува може да биде само добар показател дека секој што се огрешил пред законот мора да одговара, дека работите конечно се придвижуваат во позитивна насока во нашата држава и дека едноставно никој не е недопирлив. Меѓутоа, од друга страна, индивидуалната кривична одговорност на еден од обвинителите во СЈО не смее да биде изговор односно оправдување да се заборави целокупниот криминал што беше направен во нашата држава во последниот период и ние да ја запреме нашата борба. Тимот на СЈО е во целост посветен на борбата за правда и ние продолжуваме со она што е наша работа – застапување на предметите во судница – изјави Фетаи.

Таа, иако е меѓу најекспонираните од СЈО, е само една од 12. обвинители што, на предлог на Јанева, во ноември 2015 година, добија виза од Советот на обвинители да ги истражуваат снимките од масовното нелегално прислушување. Јанева, всушност, предложи повеќе обвинители, ама Советот на обвинители, со оглед на политичките околности во тој период, го „преполови“ тимот што таа го планираше.

Сега, освен на Фетаи, им „висат“ мандатите во СЈО и на Ленче Ристова, Елизабета Јосифовска, Лиле Стефанова, Гаврил Бубевски, Љубомир Лапе… „Виси“, исто така, и новиот закон за јавно обвинителство со кој треба да се регулира статусот на СЈО. По притворањето на Јанева, информациите се дека денеска е можна нова средба на работните групи на власта и на опозицијата за законот за јавно обвинителство. Наводно, оваа средба е закажана на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, која во изминатиот период го кочеше донесувањето на новиот закон за јавно обвинителство.

Од друга страна, новиот предлог-закон на Владата за јавното обвинителство, кој е ставен на дневен ред во парламентот на 27 август, не предвидува избор на нов специјален јавен обвинител, туку интегрирање на СЈО во редовното обвинителство и негово спојување со Обвинителството за организиран криминал, со кое раководи Русковска. Во случај на седницата што почнува во вторник да биде донесен овој закон, за што се потребни 80 гласа, тогаш, како што е предвидено, тој би стапил на сила на 15 септември, односно на денот кога завршува мандатот на Јанева. Од тој аспект, прашање е дали за толку кусо време ќе може и има потреба да се спроведе постапка за разрешување на специјалната обвинителка, особено ако се има предвид дека и оваа процедура треба да помине низ Собранието, како и дека во Законот за СЈО не е предвиден престанок на мандатот на специјалната обвинителка во случај на неправосилна пресуда против неа.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој е претседател на Комисијата за избори и именувања, вели дека и изборот и разрешувањето во однос на СЈО е регулирано со специјалниот закон и не може и не смее да се применува друг закон. Постапката, како што посочува, е строга, затоа што институцијата е значајна. И во двете постапки, како што објаснува, не може и не смее да се прескокнат Собранието и Комисија за прашања на изборите и именувањата.

– Без овие две инстанци ниту може да се разреши специјалниот јавен обвинител, ниту да се назначи вршител на должноста. Советот на јавни обвинители во постапката за избор и назначување може да постапува само по предлог од Собранието, кој е претходно утврден од Комисијата за избори и именувања, а изгласан со двотретинско и Бадинтерово мнозинство. Во постапката за разрешување, пак, Советот може да постапува само како предлагач, односно да достави извештај до Собранието за утврдено незаконско, нестручно и несовесно вршење на функцијата на специјалната јавна обвинителка. Конечната одлука во оваа постапка ја носи Собранието – вели Димовски.

Според специјалниот закон за СЈО, на раководителот на ова обвинителство функцијата може да му престане: по сопствено барање; ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата; ако е избран или именуван на друга функција; ако е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење од најмалку шест месеци или на пократка казна затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое го прави недостоен за вршење на функцијата јавен обвинител. Законот, исто така, предвидува можност и за разрешување пред истекот на мандатот, за што критериум е незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата.   Александра М. Митевска