На Пендаровски му пречело само европското знаменце на Законот за игри на среќа
Законот за игри на среќа не може повторно да влезе во Собрание со европско знаменце по вчерашната одлука на претседателот Стево Пендаровски. Тој оди во редовна процедура, а ако се изгласа со 61 глас, Пендаровски ќе го потпише веднаш.
– Пред еден месец Европската комисија испрати писмо до Владата во кое вели „Во собраниска процедура имате закон со кој практично се злоупотребува европското знаме“. Меѓутоа пратениците тераат до крај и го усвојуваат законот. Пред неколку дена се сретнав со евроамбасадорот Дејвид Гир, кој ми посочи дека ова е уште една злоупотреба на европското знаменце. Никој не спори дали законот е добар или лош, но не смее да биде злоупотребен, изјави претседателот.
Според Пендаровски, потребно е законот да се гласа во редовна постапка, со дискусија од едната и другата страна, за да можат граѓаните да проценат што е најдобро.
-Не навлегував во содржината, го вратив бидејќи беше злоупотребено европското знаменце, додаде тој.
Прашан како ја коментира реакцијата на ДУИ, дека оваа одлука е „приказна за мали деца“, Пендаровски вели дека писмен допис од Европската унија до која било земја која е кандидат не може да се дефинира така и е сериозно укажување кое не смее да се повтори.
Од Движењето Антикоцкање велат дека се разочарани и се чувствуваат предадено од одлуката на Пендаровски.
-Тотално сме разочарани, се чувствуваме предадени од вашата преземена одлука за недекретирање на предлог законот за игри на среќа, вашата заштитата на криминалот и криминалците во која се задушени од страста на криминалот и класичниот гражбеж што му се прави на граѓанинот. Со вашата постапка, наводна злоупотреба на европското знаме, го легализирате перењето на валкани пари и во име на европските стандарди го штитите сомнителниот капитал кои ја задушуваат нашата држава. Претседателе, го предадовте вашиот гласач, „ние со леб, вие со камења“ – се вели во писмото до Пендаровски.