Македонија ќе мора да увезува работници од странство, најмалку 10 илјади годишно

Проблемот е актуелен. Прво треба да се искористат луѓето од регионот, а потоа оставаме отворено. Нема дефинирано од каде ниту квоти, вели вицепремиерот Битиќи


(Фото: Б.Грданоски)

 

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, смета дека увозот на работници од странство е неминовност, иако примарно работната сила треба да се обезбеди од земјата. Минатата година во нашата земја имало 5.300 странци кои имале работна дозвола.

„На Македонија годишно ѝ се потребни околу 10 илјади работници. Не е дефинирано од каде ќе се бараат овие работници. Направивме исчекор со договорите за слободно движење на работната сила во Западен Балкан преку договорите на иницијативата Отворен Балкан, а иста иницијатива има и во Берлинскиот процес. Сметам дека прво треба да се искористат луѓето од регионот, а потоа оставаме отворено. Нема дефинирано од каде, нема дефинирано квоти, отвораме дискусија, но сметам дека тоа е актуелен проблем“, изјави Битиќи одговарајќи на прашање на новинарите по средбата во Владата со бизнис делегација на Источниот комитет на Германското стопанство, кој го сочинуваат компании од областа на енергетиката, хемиската индустрија, здравството, банкарството, консултантските услуги, образованието, воздухопловството…

Заменик-амбасадорот на Германија, Ото Граф, смета дека секој што води бизнис и произведува, има интерес постапките да бидат што поефикасни. Онаа земја што тоа ќе го понуди, ќе ги привлече инвеститорите.

Битиќи вели дека за да се развиваме со подобри стапки на раст нам ни треба поконкурентна работна сила на пазарот на труд.

„Сега нашите луѓе заминуваат затоа што таму каде што одат просечните плати се повисоки. Кај кај нас таа стигна до 550 евра, а каде што одат да работат е 1.100 евра. Во земјите од кои што ќе доаѓаат, најверојатно работници во рударство, па и во градежништво, просечната плата е 200 евра. Тоа е природен циклус на движење на работна сила за подобро“, изјави Битиќи.

Тој смета дека работната сила примарно треба да се обезбеди од домашниот пазар, односно нашите граѓани кои што се невработени да се приспособат за да одговорат на потребите на пазарот на труд. Тоа што во овој момент и долги години наназад за жал не е правено е вештините и знаењата на тие кои што се невработени да одговараат на пазарот на труд, посочи Битиќи.

„Секако стопанството има потреба да ја дополни таа празнина од недостигот на работна сила. Секој ден има сѐ повеќе компании коишто многу тешко наоѓаат работна сила од тоа што го има на располагање во Агенцијата за вработување или тие кои што не се пријавени во АВ“, рече Битиќи.

Тој додаде дека Владата преку Оперативниот план за вработување и други форми на квалификација и доквалификација прави напори да ги подготви за пазарот на труд, но до тогаш секако има потреба да се увезе работна сила затоа што миграцијата е очигледна не само во Македонија туку и во сите земји на Западен Балкан, па и во Европа.

„Во овој момент разговараме со стопанските комори во кои гранки евентуално би се увезла работна сила. Најзагрозени се секторот градежништво, без разлика дали нискоградба или високоградба, како и секторот хотелиерство и туризам, каде што има сезонски работници кои што одат во други земји во блиското соседство, како во Хрватска, Словенија, а и во други земји членки на ЕУ“, вели Битиќи.

Тој нагласува дека се отвора сериозна потреба за луѓе кои што би работеле во тој сектор за тоа што платите се конкурентни, иако не колку во ЕУ.

„Тоа е нормален процес, сме го имале, сега само отворено го дискутираме“, вели Битиќи, додавајќи дека лани во земјава имало 5.300 странски работници, но дека сега се отвора дискусијата дека треба организирано да се зборува, да се знае во кои сектори недостига.

Германските компании ја гледаат земјава како добра можност за инвестирање, но и како соодветно место за префрлање на своето производство од оние земји кои се несигурни поради руско-украинскиот конфликт. Сепак, сѐ уште забележуваат на недоволно брзите бирократски процедури.

„Се надеваме дека Северна Македонија ќе ги поедностави и забрза сите постапки. За сите германски фирми тука, Северна Македонија е одлично место за производство. Руската агресија доведе до тоа да се префрли производството на други места. Северна Македонија е преферирано место за префрлање на производството, а една од причините е што е членка на НАТО и има одредена предност во однос на безбедноста“, рече Граф по средбата на германската бизнис делегација со вицепремиерот Фатмир Битиќи во Владата.

Во однос на потребата од работната сила, в.д. амбасадорот напомена дека сите треба да дадат придонес – Владата, образовните институции и германските претпријатија.

„Доколку сакате нешто да произведете или да сте активни, може да видите што има на пазарот и што може да направите за тоа, или да имате подинамичен пристап, да ја преземете одговорноста. Тоа е нешто што тука го прават германските претпријатија, се поддржува дуалното стручно образование. Значи, не чекаат да има доволен број работна сила, туку и самите го даваат својот придонес за да се осигураат дека ќе има доволен број квалификуван кадар и во иднина“, рече Граф.

Економската соработка меѓу Македонија и Германија е високо развиена со тежиште на автомобилската индустрија и на здравството, но со тенденција да се продлабочи во сите сфери.

„Германија е важен економски партнер и наш главен извозен пазар. Повеќе од 200 компании со германски капитал работат во земјава и вработуваат околу 20.000 луѓе. Показател за добрата соработка е реинвестирањето на германските компании во нашата земја. Оние кои се веќе тука, остануваат и го зголемуваат производството и бројот на вработени. Тие воедно го шират и добриот збор за земјава, но и добрите инвестициски услови на други компании кои ја одбираат Северна Македонија за свој партнер. Една четвртина од вкупната трговска размена на државава отпаѓа на Германија, а ние имаме значителен суфицит, односно повеќе извезуваме отколку што увезуваме“, посочи Битиќи.

Потреба за странска работна сила има и во земјите од регионот. Така, хрватските медиуми деновиве објавија дека во првите два месеци годинава работодавачите во Хрватска побарале вработување на повеќе од 30.000 странски работници.

Најголем дел од работниците се бараат за дефицитарни занимања за кои не е потребно тестирање на пазарот на трудот, додека оваа постапка требаше да се спроведе за речиси 4.500 работници.

Барања поднеле повеќе од 4.700 работодавачи, а веќе е одобрено позитивно мислење за 22.500 работници, а одбиени се за 2.400, а 886 барања се суспендирани, пишува „Пословни.хр“.

Минатата година во Србија работеле точно 35.174 странци, што е за околу 12.000 повеќе од 2021 година. Од нив 5.900 биле жени, а најмногу работни дозволи им биле издадени на кинески државјани. На второ место се најде Русија, а потоа следат Турција и Индија.

Меѓу нашите граѓани можноста за вработување во Германија е најпопуларна опција, особено по најавите дека оваа земја ќе ги олесни постапките за вработување стручни кадри од странство. Министерствата за внатрешни работи и труд предложија нов закон за доселување на работна сила од странство.

„Значително“ повеќе работници отколку досега ќе треба да можат да доаѓаат од западнобалканските држави – Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина. Нивниот број сега е ограничен на 25.000 годишно.