На кои прашања од хашките обвинители ќе одговара Али Ахмети

Али Ахмети треба да им биде на располагање на обвинителите два дена за да му поставуваат прашања (Фото: Борис Грданоски)

Во обвинението поднесено против „Хашим Тачи, Кадри Весели и други“ тие се товарат за дела против човештвото и за воени злосторства, вклучително и убиства, присилни исчезнување на лица, прогони и тортура. Али Ахмети како член на генералштабот на ОВК веројатно треба да каже што знае за ова

 

Барем една работа околу повикот на специјалното обвинителство на Косово до Али Ахмети е сигурна – новата македонска влада треба да се избере пред 2 септември (крајниот рок за мандатарот Зоран Заев), затоа што на тој датум ќе почне испрашувањето на хашките обвинители на лидерот на ДУИ. Од ДУИ на ТВ21 ѝ рекле дека сведочењето на Ахмети ќе биде во Приштина (а не во Хаг, каде што беше испрашуван претседателот на Косово Хашим Тачи) и поранешниот герилец ќе треба да ја објасни неговата улога во Ослободителната војска на Косово (ОВК). Наводно, меѓународните обвинители побарале Ахмети да им биде на располагање два дена.

Кои прашања ќе ги постават обвинителите никој не знае, па ни самиот Али Ахмети. Кога минатиот месец беше објавена информацијата дека Хаг ќе го повика Ахмети, „Независен“ побара објаснување за оваа вест од Специјалното обвинтелство на Косово, но оттаму не сакаа да споделат информации зошто лидерот на ДУИ е повикан од Хаг.

На прашањето на „Независен“ кои се причините за повикот до Али Ахмети, Крис Бент од Специјалното обвинителство одговори со една реченица: „Специјалното обвинителство не дава информации за својата истрага, така што не можам ниту да потврдам или да негирам што било“.

Во јули, среде изборната кампања Ахмети побрза сам да објави дека стигнала поканата од Хаг и да мотивира куп поддршка на социјалните мрежи од своите приврзаници кои го слават како херој и го бодрат да ја каже вистината за воените злосторста на Србите во Косово. Но, Ахмети не е викнат од Судот за воени злосторства во бивша Југославија и не е викнат да зборува за Србија, туку за воените злосторства на ОВК, во чие основање учествуваше. И беше на врвот на нејзината воена структура (член на генералштабот) кога наводно се случувале воени злосторства врз Срби, Албанци, Турци, Роми во Косово од страна на главнообвинетите Хашим Тачи и Кадри Весели и уште најмалку осуммина други чии имиња не се наведени.

Според она што се знае, во октомври треба да почне постапката пред судење во која ќе се утврди дали истрагата, чии корени се во извештајот на швајцарскиот политичар Дик Марти од декември 2010 година, има основа да се преточи во судски процес. Во тој извештај на Марти поднесен до Советот на Европа (чиј член беше тогаш) се тврди дека заробениците, наводно, не само што биле нехумано третирани од страна на ОВК, туку некои од нив биле и убивани со цел да им се извадат органите и да се тргува со нив. Во тој извештај се наведуваше и името на Хашим Тачи како лидер на ОВК како една од клучните личности во овие операции, кој потоа стана премиер и претседател на Косово.

Сите водечки косовски политичари тогаш го отфрлија извештајот на Дик Марти, оценувајќи го дури и како „расистички спрема Албанците“, дека бил „политички мотивиран и не бил базиран врз факти“. Една недела по објавувањето на извештајот Тачи преку интервју на телевизија се закани дека ќе ги објави имињата на сите Албанци кои соработувале со Дик Марти при изготвувањето на извештајот. До тоа не дојде, туку Советот на Европа го поддржа извештајот на Марти во јануари 2011 година, побара сериозна истрага за наводите во него, што најпосле резултираше со формирањето на Специјалното обвинителство на Косово, кое има седиште во Хаг.

Според она што го објави судот, обвинението е поднесено против десет лица, односно „Хашим Тачи, Кадри Весели и други“, кои се товарат за дела против човештвото и за воени злосторства, вклучително и убиства, присилни исчезнување на лица, прогони и тортура. Во обвинението се тврди дека Хашим Тачи, Кадри Весели и останатите обвинети се кривично одговорни за речиси 100 убиства, кои вклучуваат Срби, косовски Албанци кои биле обвинети дека биле „предавници“, Роми и други етникуми, како и политички противници.

Обвинението главно се однесува на периодот по војната и пред доаѓањето на КФОР, т.е. во периодот на безвластие, иако опфаќа и активности претходно, и главно околу судбината на 1.869 исчезнати, од кои 470 по крајот на војната. Овој суд има строг временски мандат, тој ги истражува настаните од јануари 1998 година до декември 2000-та, така што, иако има јурисдикција да опфати трансграничен воен криминал поврзан со Косово и ОВК, не може да ги вклучи четирите воени злосторства на ОНА во Македонија во 2001, особено тоа за исчезнатите лица, за кои водството на ОНА доби политичка амнестија во нашата држава, што пак меѓународното право не ја признава. (Н.В.)