СП2022: На кого што му треба за осминафинале од Групите Ц и Д?


ОАЕ- Фудбалерите на Аргентина и Полска денеска од 20 часот решаваат за тоа кој ќе ја помине групата „Ц“ на Светското фудбалско првенство во Катар.

Се е подготвено за разврската во групите Ц и Д, со одлични натпревари на денешната мундијалска програма. Полска моментно е лидер во групата Ц, но Левандовски и компанија лесно може да останат без осминафинале доколку загубат од Аргентина, во зависност од исходот на дуелот Саудиска Арабија – Мексико.

ПОЛСКА: Оди сигурно во осминафинале со победа или со реми против Аргентина. Полјаците можат да се пласираат понатаму и во случај на пораз, но тој не смее да биде убедлив и Саудиска Арабија не смее да го победи Мексико на вториот меч од групата.

АРГЕНТИНА: Аргентина со победа дефинитивно оди во осминафинале. „Гаучосите“ би можеле да стигнат до пласман и со реми, но тогаш би зависеле од исходот на вториот меч, Саудиска Арабија да не слави, или пак Мексико да не дојде до убедлива победа од четири или повеќе гола разлика.

САУДИСКА АРАБИЈА: Математиката е едноставна, Саудиска Арабија со победа е сигурно во осминафиналето, а таму може да се најде и со реми, надополнето со триумф на Аргентина над Полска.

МЕКСИКО: Мора да слави над Саудиска Арабија, но и на другиот натпревар или Полска да ја добие Аргентина, или Аргентина да стигне до убедлив триумф од четири или повеќе гола разлика.

Од 16 часот нѐ очекуваат можеби помалку интересни дуели. Франција се среќава со Тунис, додека Австралија и Данска во директен дуел ќе решаваат за патникот во следната рунда од групата Д.

ФРАНЦИЈА: „Триколорите“ веќе се квалификувани во осминафиналето, но со победа или со реми ќе го осигураат првото место. Французите би ја загубиле првата позиција само доколку загубат денеска, а Австралија слави над Данска, со вкупна гол-разлика на двата меча од најмалку шест гола.

АВСТРАЛИЈА: Се пласира во следната рунда со победа против Данска, или со реми на својот меч, но само доколку на вториот натпревар Франција не загуби од Тунис.

ДАНСКА: Со победа оди во осминафинале, доколку Тунис загуби или ремизира против Франција. Доколку слават и Данска и Тунис, Данците ќе мора да победат со поголема разлика за да се пласираат.

ТУНИС: Се пласира со победа над Франција доколку Австралија и Данска ремизираат, или доколку Данска слави, но не со поголема гол-разлика од онаа на Тунис.