На Халкидики бараат помош од Мицотакис за туристичката сезона, имаат три возила за брза помош и 10 кревети за сомнителни случаи


Сите туристички објекти без разлика на нивниот капацитет да бидат поврзани со лекар кој ќе управува со сомнителните случаи; создавање мрежа за земање примероци во самите туристички објекти; зајакнување на постоечките здравствени центри и болници со опрема за правење анализи, како и со дополнителни кревети; дополнителен персонал во службите за брза помош, но и обезбедување доволен број тестови, најмалку 90 на дневна основа, се дел од предлозите на претседателите на Медицинската асоцијација, на Сојузот на хотелиери, на Комората, на Федерацијата на туристички објекти и на Здружението на кампови, сите од Халкидики, во отвореното писмо до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Во пресрет на туристичката сезона што официјално започнува на 15 јуни, во отвореното писмо ја објаснуваат актуелната ситуација на Халкидики во однос на капацитетите на здравствените структури, ги доставуваат нивните предлози, но ја изразуваат и нивната загриженост, особено поради големиот број туристи кои по копнен пат пристигнуваат во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

На состанокот на сите инволвирани страни од Халкидики, како што пишуваат во писмото, било констатирано дека постојат практични прашања, но и сериозни безбедносни празнини во управувањето со сомнителните случаи. Затоа, велат дека произлегува зголемена веројатности за брзо ширење на новиот коронавирус.

Пишуваат дека Халкидики е дестинација, пред сѐ за туристите од балканските земји, кои пристигнуваат преку копнените граници и оваа категорија на туристи „главно се движи автономно и тешко е да се контролира во случај на здравствена криза, пред сѐ поради тоа што малите туристички објекти немаат инфраструктура за усогласување со здравствените протоколи“.

-Проблемите, главно се во управувањето со сомнителен случај. Од моментот кога едно лице ќе биде оценето и ќе се смета за сомнителен случај на Ковид-19, произлегува дилемата: 14 дена изолација или итен молекуларен тест. Поради тоа што осигурителните компании на туристите немаат намера да ги покријат трошоците за дијагностичко тестирање за Ковид-19 и затоа што големо е времето до објавување на резултатите од тестот, веројатно е дека голем процент на болни туристи, неконтролирано, ќе се упатат во локалните здравствени јавни центри, пишуваат во писмото.

Велат дека здравствените центри, сомнителните случаи ги упатуваат во болницата во Полигиро, каде што по направениот тест, примероците се испраќаат во конкретна болница во Солун, од каде што за резултатите се чека од неколку часа до четири дена.

Објаснуваат дека во болницата во Халкидики, во овој момент може да се хоспитализираат само десет сомнителни случаи, а во целата општина постојат три возила на брза помош, додавајќи дека во случај јавниот здравствен систем да треба да се справи со 70 -100 случаи дневно, ќе се создаде сериозен проблем.

Токму поради овие недостатоци и можните проблеми што би произлегле за време на туристичката сезона, потписниците на писмото ги доставуваат и нивните предлози, за кои велат дека се базирани на „ограничувањето на непотребното движење на сомнителниот случај“.

Предлагаат сите активности, за дијагноза и лекување, да се вршат во објектот во кој е сместен пациентот, за оние случаи за кои не е потребно дополнително испитување, а акцентот го ставаат и на бројот на потребните тестови на дневно ниво.

Објаснуваат дека на Халкидики, легално, во хотелите, апартманите за изнајмување и во камповите има околу 94.000 кревети, но проценките се дека постојат околу 6.000 недвижнини кои непријавено работат со сместување на туристи.

Под претпоставка дека просечниот престој е седум дена, потписниците на писмото, проценуваат дека од јули до септември, Халкидики би можеле да го посетат околу 1.300.000 туристи.

– Се проценува дека до три отсто од нив бараат лекарска помош (т.е. околу 40.000 случаи). Околу 50 отсто се со висока температура, а 80 проценти од нив со респираторни проблеми (16.000 случаи). Дури и ако ова лето има само 50 проценти од капцитетот, произлегува дека ќе бидат потребни околу 8.000 тестови или околу 90 тестови на ден, пишуваат во писмото и додаваат дека треба да се земат предвид и околу 500.000 Грци кои имаат викендички на Халкидики, а со тоа ќе значи дека треба да се обезбедат повеќе од 100 тестови на ден.

Писмото до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е потпишано од претседателот на Медицинската асоцијација на Халкидики Мариос Пирпасопулос, од претседателот на Сојузот на хотелиери на Халкидики, Григорис Тасиос, од претседателот на комората на Халкидики Јоанис Куфидис, од претседателот на Федерацијата на туристички објекти на Халкидики Триандафилос Папајоану, и од претседателот на Здружението на кампови од Халкидики Андонис Делидимитриу.