Продолжи тргувањето со акциите на Реплек, акционерите допрва ќе расправаат за работата на УО


Македонската берза продолжи тргувањето со акциите на „Реплек“, откако компанијата ги достави одлуките од одржаното акционерско собрание. 

„Во врска со привремениот прекин на тргување со акциите на Реплек АД Скопје, Ве известуваме дека издавачот изврши објава на одлуките од собранието на акционери преку СЕИ-НЕТ, после што продолжи тргувањето со обичните акции издадени од Реплек АД Скопје“, соопшти Берзата.

Тргувањето со акциите на „Реплек“ беше суспендирано неколку часови. Повеќе медиуми jавија дека со одлука на мнозинство акционери на оваа фармацевтска компанија биле резрешени Управниот и Надзорниот одбор на чело со генералниот директор Иван Туџаров. Причината било незадоволството од нивната работа.

Од компанијата, пак, соопштија дека седницата на Собранието одржана на 08 овој месец во врска со Разгледување на годишниот извештај за работењето на Друштвото за период јануари декември 2020 година, усвојување на извештајот и одобрување на работата на Управниот одбор, како и Извештајот за работењето на Надзорниот одбор на Друштвото за 2020 година, усвојување на извештајот и одобрување на работата на членовите на Надзорниот одбор ќе продолжи на 22 април.
Инаку, според известувањето до Берзата, Реплек лани ја заврши годината со добивка од редовното работење по оданочување во износ од 102 милиони денари (околу 1,6 милиони евра). Консолидираната добивка од редовното работење по оданочување на Групацијата Реплек, пак, била 163,7 милиони денари (околу 2,6 милиони евра).

Истовремено, акционерите ја усвоиле и предлог одлуката за распределба на добивката за 2020 година според која исплатата на дивидендата во нето износ ќе изнесува 2.153 денари за акција или бруто 2.392 денари по акција (вкупно бруто 62 милиони денари или околу еден милион евра). Дел од добивката оди и како награда за раководниот тим на Реплек фарм и тоа 13,7 милиони денари или околу 222 илјади евра, а остатокот ќе се распредели како акумулирана добивка, стои во одлуките од Годишното собрание на акционери на Реплек, доставени до Берзата.