На 14 септември почнува учебната година во Грција


За да им се даде доволно време на родителите по враќањето од летните одмори и за да се ограничат движењата на асимптоматските, учебната година во Грција ќе започне една седмица подоцна од планираното, односно на 14, наместо на 7 септември, соопшти денеска министерката за образование на Грција Ники Керамеос.

Керамеос на денешната прес конференција упати апел до родителите да се вратат од одмор за да се ограничат движењата и за да се стабилизира епидемиолошката слика во земјата.

Министерката за образование на Грција ги повтори мерките и протоколите за учениците соопштени минатата седмица, односно дека секое одделение и секој клас ќе бидат со полн капацитет, односно со физичко присуство на сите ученици, а маската ќе биде задолжителна за сите.

За секој ученик ќе бидат обезбедени по две бесплатни платнени маски, како и по едно шише за вода за повеќекратна употреба.

Бесплатни маски се предвидени и за наставниците и професорите.

Училиштата редовно ќе се чистат, а со помош на општините ќе има антисептици, додека пак планирано е, доколку е потребно, да се вршат и тестирања по случаен избор за Ковид-19.