На 129 вработени во УЈП им ги поништија решенијата за работните места и за платите, може ќе треба да враќаат пари


На 129 вработени во Управата за јавни приходи им се поништени решенијата за работните места што ги потпишале во февруари годинава со кои добиле и повисоки плати, а па сега им се заканува дека ќе треба да ја вратат разликата. Станува збор за вкупно 180 милиони денари во бруто износ, односно со платени придонеси, додека нето износот кој го примиле во вкупен износ е помал и за секого различен во зависност од работната позиција која ја имал. 

За проблемот денеска на брифинг со новинарите извести директорката на УЈП, Елена Петрова, која го обвини претходното раководство за сегашната ситуација. 

„Во претходниот период, претходната директорка на УЈП донела одлука и акти кои се незаконски и заради кои сега внатре имаме ‘хаос’ во организирањето на некои работни процеси и сме соочени со исправање на последици“, изјави таа денеска на средбата со новинарите.

Незаконитоста и формално-правните неправилности ги констатирале и Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот инспекторат за труд, по чија одлука сега таа мора да постапува.

Како што посочи Петрова, ДИТ на записник констатира незаконитости на колективната одлука за прекинување на старите договори за вработување со кои претходната директорка ги откажала договорите за вработување на сите вработени во УЈП, а воедно им наредила да продолжат со работат до склучувањето на нови договори според новите интерни правилници.

„Поради тоа ДИТ донесе Решение со кое наложи на УЈП да ја поништи незаконитата Одлука. Од друга страна, ДКСК констатира повреда на изборниот процес. Во моментов, јас сум соочена и треба да ја извршам наредбата на трудовиот инспекторат со која ми се наложува поништувањето на Одлуката, што практично значи поништување и на сите нејзини правни последици, односно тоа значи дека ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишување на изборите, што има свое влијание и врз платите исплатени на определени вработени кои добиле повисоки плата со промена на нивниот статус“, изјави Петрова.

Последиците од ваквиот хаос најмногу ги трпат вработените во УЈП, иако, како што вели и Петрова, тие се најмалку виновни за настанатата „криза“.

Затоа, како што нагласи, преку соработка со синдикатите се обидува заеднички да се најде решение кое ќе има најмалку последици за било кој вработен во УЈП.

Таа потенцира дека поништувањето на старите и склучувањето нови договори со сите вработени во УЈП се одвивало во изборниот период.

„Оваа настаната ситуација можела и да се избегне доколку сите овие секако задоцнети процеси се спроведувале во законскиот рок. Имено, согласно измените на ЗУЈП, актите на УЈП требало да бидат донесени во законски рок до 3 ноември 2023 година, а се донесени со задоцнување на 9 февруари оваа година, во пресрет на изборниот период. Согласноста од Министерството за информатичко општество и администрација за овие правилници била издадена врз основа своевидна „манипулација” и вметнување на работни места во правилниците за кои немало намера да бидат пополнети и не се пополнети“, рече Петрова.

Инаку, на брифингот со новинарите, Петрова рече дека од денес се склучуваат нови договори кои што се согласно новиот закон за УЈП, но останува проблемот дека во правилниците за внатрешна организација и за ситематизација на работните места во УЈП и натаму постојат работни места за административни службеници кои што се фиктивни и во наредниот период треба да се испеглаат таквите недостатоци. 

Инаку, според новиот закон за УЈП, значаен дел од вработените во управата имаат статус на даночни работници, а не на административни службеници,  што повлекува и повиски плати. Петрова рече дека претходното раководство на УЈП направило манипулација со документите за систематизација и со вметнување фиктивни работни места, за да издејствуваат согласност од тогашното Министерство за информатичко општество и администрација, откако еднаш биле одбиени. Согласноста била добиена во вториот обид и тоа во истиот ден кога бил разрешен тогашниот министер за информатичко општество што според Петрова е морален и политички хазард.  

„Уште повеќе, согласноста е издадена истиот ден 9 февруари кога министерот, кој ја потпишал, бил разрешен, што е морален и политички хазард. Ова фрла црна дамка на целиот процес“, вели Петрова.