На 100-годишна Италијанка ѝ ја продолжија возачката дозвола


Кандида Удерзо зад воланот

 

На една Италијанка ѝ беше продолжена возачката дозвола на 100-годишна возраст, со што стана најмалку третиот стогодишник во земјата во последниве години за кој се смета дека е погодна да седне зад воланот.

Кандида Удерзо доби нова дозвола откако го положи очниот тест во автошкола во северната провинција Виченца.

Веселата стогодишничка рече дека сака да биде автономна и да не врши притисок врз нејзиниот син да ја вози наоколу.

„Ова продолжување ме прави среќна и ќе ме натера да се чувствувам малку послободна“, изјави Удерзо за „Кориере дела сера“. „Имам среќа, имам 100 години, а тоа што сум толку здрава е изненадување и за мене. Никогаш не пијам таблети, само понекога апчиња за спиење“.

Таа рече дека нејзиниот вид е толку добар што може да чита весник без да има потреба од очила.

Стогодишната популација на Италија е меѓу највисоките во Европа и бројот на луѓе кои го достигнуваат тој период продолжува да расте: според податоците објавени на почетокот на мај од Истат, националната агенција за статистика, Италија е дом на 20.456 стогодишници, а во 2019 имаше 14.456.

Но, не е јасно колкумина сѐ уште возат. Дозволите за постарите од 80 години се обновуваат на секои две години, при што возачите треба да дадат лекарско уверение за да се осигураат дека се физички и психички подготвени. Човек од Сицилија, кој минатата година наполни 100 години, го прослави обновувањето на дозволата со купување нов автомобил, кажувајќи за тамошниот печат дека никогаш во животот немал несреќа. Еден човек од регионот Кампанија, кој исто така го прослави својот 100-ти роденден минатата година, рече дека нема намера да се откаже од својот автомобил.

Удерзо рече дека единствено жали во животот што го изгубила сопругот кога била релативно млада. „Но, решив дека да останам жива, значи да уживам што е можно повеќе“, изјави таа за „Кориере“. „Почнав да одам на долги прошетки со пријателите, тоа ми помогна да се справам со тагата. Откако се пензионирав, се придружив на група за пешачење и оттогаш не пропуштив излет. Секоја недела во 6 часот наутро сум подготвена да одам“. (Гардијан)