На 1 и 2 август хуманитарен музички настан на Споменикот на слободата во Кочани


На 1 и 2 август ќе се одржи хуманитарен музички настан Расплет фестивал, на Споменикот на слободата во Кочани, организиран од млади луѓе меѓу кои и бендот Корка од Кочани.

Главна цел на настанот е да се подигне свеста дека донациите не треба да се намалат и дека се потребни исто како уште првите денови на формирањето на Support Kocani.

„Донациите стивнуваат. Ние сме овде да ве потсетеме дека донациите не смеат да запрат, бидејќи им се најпотребни на повредените кои чекаат за нив, од кои некои директно се вклучени во фестивалот за нивна повторна социјализација. Причината за дводневното времетраење е за да може да се привлече поголемо внимание кон Кочани и сите засегнати од трагедијата и да се собере што можно поголем број на донации. Вториот дел од настанот (сабота 02/08/2025) ќе започне покасно, да се остави простор на мировниот марш, кои ние со сè срце го подржуваме, учествуваме и повикуваме луѓе да земаат учество и надвор од Кочани“, велат организаторите.

Тие наведуваат дека целиот настан е посветен нa Сара Јорданова, нивна драга пријателка и соученичка која го загуби својот живот во пожарот, но и кон сите други засегнати.

На сцената ќе настапат артисти како Хајка, Taxi Consillium, Корка, Алембик, Јаблан, Don Playa, Луфтанза, Соба Глувих, Големата Вода, Mallard и DJ Gianni.

За Петровден пак, градоначалникот Бенко Крстевски беше принуден да го откаже музичкиот дел за одбележување на празникот на градот Кочани.

Ваква одлука донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да запчне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.

„Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката ‘Пулс’ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот, стои во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.

Претходно, родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во пресрет на Петровден писмено се обратија до него со барање да се одложи музичко-забавниот дел од програмата.