МЖСПП не наплатило 1,4 милиони евра за вода, констатира ДЗР

Министерството за животна средина и просторно планирање не успеало да реализира 89.573 илјади денари или 1,4 милиони евра, врз основа на надоместите за искористена вода. На тој начин е оштетена приходната страна на државната каса.
Во 2020 година Министерството склучило спогодби со носителите на водни услуги за плаќање на рати на ненамирениот надомест од 112.663 илјади денари (1,8 милиони евра), од кои, според динамиката на наплата, остануваат уште 89.573 илјади денари, односно 1,4 милиони евра, наведено е, меѓу другото, во извештајот на Државниот завод за ревизија, кој извршил контрола на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за 2022 година.
Утврдени се неправилности во однос на утврдување на динамиката на наплата на надоместот за користење на водното право, кој е приход на Буџетот. Конкретно, заклучно со септември 2023 година, од вкупно пресметаните достасани месечни рати во висина од 49.188 илјади денари (речиси 800 илјади евра), наплатени се 23.090 илјади денари (375,4 илјади евра) или 47 проценти, „додека за наплата остануваат неплатени надоместоци кои се приходи на Буџетот на Република Северна Македонија, во вкупен износ од 89.573 илјади денари односно 1,4 милиони евра“.
Освен тоа, утврдени се и неправилности во реализацијата на Програмата за управување со водите, за која биле предвидени 50.940 илјади денари (828,2 илјади евра). Ревизорите констатирале дека „не е воспоставен објективен и реален систем на избор на проекти, како и ризик за несоодветно користење на средства поради непостоење на јасни критериуми и правила специфични за реализација на овие проекти“. Освен тоа, не им била доставена комплетната документација за сите поднесени барања и доказ за нивната евалуација.
„Со увид во извршената евалуација и предлог листите на општините кои ги исполнуваат условите од Програмата и одлуката за избор, утврден е селективен и необразложен начин на избраните проекти во распределбата на средства за финансирање и реализирање на проектите, а и процентот на одобрените средства од побараните е различен и се движи од 30% до 100%“, забележале државните ревизори.
Исто така, ревизорите забележале дека до Владата не е доставен извештај за реализација на средствата; во 2020 биле доделени наменски дотации за производство на енергија од фосилни горива на девет општини, но четири од нив не доставиле програма; со увидот во годишните програми за 2020, 2021 и 2022 година констатирано е дека не се воопшто или не се во целост реализирани 2.400 илјади денари буџетски пари и 375.999 илјади денари донаторски средства…
Одредени неправилности ревизорите утврдиле и при уплата на надоместокот од регистрација на моторни возила и пловни објекти кој претставува еколошки надоместок кој се наплатува при регистрација на моторни возила и пловни објекти од страна на станиците за технички преглед и регистрација на возилата.
„На сметката на основен буџет на Министерството во текот на 2022 година по овој основ се остварени средства во висина од 247.523 илјади денари (околу 248 милиони денари). Со извршениот увид во начинот на водење на евиденцијата и наплатата на надоместокот по овие основи утврдено е отсуство на уплата на надоместокот при регистрација на пловните објекти, потреба од воспоставување единствен систем за следење на овој приход кој ќе овозможи одговорните лица во Министерството да имаат увид во наплатените средства од страна на Министерството за внатрешни работи и правните лица кои вршат технички преглед. Исто така, потребно е и зајакнување на контролата на документацијата кај правните лица кои вршат технички преглед на наплатата и пресметката на надоместокот, како и потреба од ажурирање на одредбите од договорите со правните лица – технички станици согласно последните измени на законската регулатива“, појаснуваат од ДЗР.
Ненавремена и нецелосна наплата, ревизорите исто така утврдиле и во наплатата на надоместоците за поседување на А и Б интегрирани еколошки дозволи.
„Со не издавање/ ненавремено издавање на решенија за плаќање на надоместокот за поседување на А-интегрирана еколошка дозвола се остварени помалку приходи во буџетот на Министерството по овој основ во вкупен износ од 2.812 илјади денари (приближно 3 милиони денари), односно околу 48 илјади евра. По доставување на Нацрт извештајот од спроведената ревизија на Министерството, од страна на одговорните лица се преземени мерки и активности за наплата и пет правни субјекти извршиле уплата на средства во износ од 1.197 илјади денари (1 милион денари), односно 16 илјади евра на сметката на Министерството“, соопштуваат од Државниот завод за ревизија.
Имено, од вкупно регистрирани 111 активни корисници на А и Б интегрирана дозвола за 2021 година (98 корисници на А интегрирани инсталации и 13 корисници на Б интегрирани инсталации) од страна на 18 корисници не е доставен годишен извештај за поседување на интегрираната дозвола, додека пак за 17 субјекти кои поседуваат А-интегрирани еколошки дозволи и се евидентирани во Регистарот, од 2018 година не се издадени решенија за годишен надоместок за поседување на А – интегрирана еколошка дозвола,
„Со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива“, пишува во ревизорскиот извештај.