Мрачни прогнози за кабинетот на Кирил Петков
Во наредните недели и месеци ќе стане јасно дали политичката агенда ќе се формира во претседателската администрација или во Советот на министри, вели поликологот Ентони Галабов
Бугарскиот политиколог Ентони Галабов во интервју за локален медиум даде прогноза за шансите за успех на новата бугарска влада идната година, со оценка дека почетокот не е охрабрувачки и дека очекува главната битка да се води за „превласт“ меѓу неговиот кабинет и претседателот Румен Радев. Запрашан како ги оценува првите чекори на Владата, Галабов вели:
„Има јасна тенденција кон уште повисок степен на централизација на власта. Со оглед на нејасната и сложена природа на владејачкото мнозинство, кое вклучува четири политички формации кои имаат склучено три билатерални договори со коалицијата за продолжување на промените, кои пак претставуваат вкупно 12 политички партии, таквата централизација не е предмет на ефективна цивилна контрола. Не е јасно како ќе се носат одлуките или кој ќе носи одговорност во политичката коалиција. Се гледаат веќе првите симптоми на губење на стручноста во одлучувањето. Тоа стана очигледно при првите посети на Румен Радев и Кирил Петков на Европската Унија и на НАТО.
На домашен план, владата не успеа брзо да ги надмине последиците од поплавите, го одложи на неодредено време изработката и усвојувањето на државниот буџет со образложение дека ќе предложи негово ажурирање во јуни 2022 година и продолжува да биде многу повеќе вклучена во следните кадровски промени наместо да развива ефективни мерки за надминување на повеќекратната криза во која се најде Бугарија во изминатите неколку месеци. Наместо ‘Промените продолжуваат’, се чини потребно е да се вратиме на ‘Продолжи со промените’- бидејќи почетокот не изгледа охрабрувачки“, вели Галабов.
Околу прашањето кои се ризиците за кабинетот на Кирил Петков и за коалициската влада, каде гледа можни пробиви и какви се шансите за распаѓање на коалицијата и нови избори во 2022 година, тој вели:
„Загрижувачки се првите постапки на новото владејачко мнозинство и влада. За прв пат во нашата понова парламентарна историја, опозицијата не претседава ниту со една од постојаните собраниски комисии. Се одложуваше конституирањето на Националното собрание во очекување на формирање на владејачко мнозинство и влада. Првите одлуки што ги донесе парламентот бараа измена уште во првите работни денови.
Наместо тоа, политичките пазарења со кои започна формирањето на новото владејачко мнозинство ги одложија прашањата за кои најверојатно ќе се појават политички тензии. Засега мнозинството, поддржано од Румен Радев, смета на привремен договор заснован на спротивставување на судството и на главниот обвинител, но тоа не е солидна основа за владеење наспроти растечките ризици. Постои нерамномерна распределба на надлежностите и менаџерските капацитети, како во структурата на една од најшироките влади во поновата историја на Бугарија, така и во одредувањето на составот на постојаните парламентарни комисии. Главниот ризик што може да се идентификува во моментов е конкуренцијата меѓу двата центри на моќ – претседателот и раководството на владеечката коалиција. Може да се случи зад повиците да се спротивставиме на ‘владеењето на еден човек’ да се најдеме пред ‘владеење на двајца луѓе’.
Радев ќе се обиде да ја задржи улогата на ментор на владејачкото мнозинство и на владата, но прашање на време е кога ќе стане јасно дека има интересни групи и во Националното собрание и во Советот на министри кои не би го дозволиле тоа. Во наредните недели и месеци ќе стане јасно дали политичката агенда ќе се формира во претседателската администрација или во Советот на министри. Се чини дека новите владетели немаат волја да го претворат Народното собрание во вистински центар за обликување на државната политика“, смета политикологот.
Според него, првите недели покажаа дека намерата на Радев да ја задржи улогата на ментор на владата ќе бара сѐ повеќе и повеќе напор, што пак може да ја искомпромитира неговата позиција.
„Иако неволно, во наредните месеци Радев ќе мора да им се врати на сопствените уставни овластувања, а со тоа да го прифати фактот дека не може да ја наметнува својата агенда на мнозинство и на владата која ќе треба да се бори за сопствен опстанок на власт. Така што, продолжувањето на ‘промената’ претпоставува ослободување од Румен Радев, а досегашното искуство покажува дека тој нема лесно да прифати таков развој на настаните. Затоа, ова ќе биде еден од главните политички ризици во 2022 година, чиј развој ќе го одреди степенот на штета на бугарскиот јавен интерес“, смета Галабов.