Мрачната заднина на најсекси модниот бренд Abercrombie & Fitch
Џефрис го претвори брендот во културен феномен и го однесе во стратосферата на малопродажбата, но му пресуди и на неговиот пад
Поранешниот извршен директор на Abercrombie & Fitch е обвинет за искористување на млади момчиња за секс на настани што тој и неговиот партнер ги организирале во САД и ширум светот, покажува истражувањето на BBC.
Повеќето мажи исто така тврдат дека посредникот, кој бил ангажиран од поранешниот шеф на модната марка Мајк Џефрис, ги поминувал на сексуална „аудиција“ жртвите пред да бидат запознаени со Џефрис и неговиот партнер, Метју Смит.
Како дел од двегодишната истрага, репортерката на Би-Би-Си, Ријана Кроксфорд, разговараше со осум мажи кои опишаа дека присуствувале на настани помеѓу 2009 и 2015 година кои вклучувале сексуални чинови со Џефрис (79) и Смит (60).
Џефрис, кој некогаш беше еден од најплатените извршни директори во Америка, се повлече од A&F во 2014 година. Половина од регрутираните мажи тврдеа дека првично биле заведени за природата на настаните или дека не им било кажано дека сексот се очекува. Други рекоа дека разбрале дека настаните ќе вклучуваат секс, но не токму она што се очекувало од нив.Некои од мажите тврдеа дека биле експлоатирани или злоупотребувани, а неколку рекоа за Би-Би-Си дека им биле навестувана можност за склучување договори како модели на A&F пред да ги запознаат Џефрис и Смит.
Тие, исто така, изјавија за Би-Би-Си дека на настаните Џефрис и Смит учествувале во сексуална активност со околу четворица мажи или ќе ги „насочеле“ да имаат секс еден со друг. Потоа, мажите рекоа дека персоналот им предавал коверти полни со илјадници долари во готовина. Сите освен еден рекоа дека се чувствувале повредени од искуството. Еден од младите луѓе, поранешниот модел Барет Пал, изјави дека неговото чувство додека бил во таа соба било дека е животно.
„е бев човек на ниту еден од овие луѓе. Бев тело. Ме претставуваа некому, да прави што сака. Она што ми се случи го промени мојот живот – и не на подобро“, додаде тој и изгледаше како да се распадна пред новинарот на кој му ја даваше изјавата.
Двајца поранешни американски обвинители, Бред Едвардс и Елизабет Гедес, повикаа на истрага за да се утврди дали треба да се покренат обвиненија за сексуална трговија, откако независно ги разгледаа доказите на Би-Би-Си. Мажите го опишаа посредникот како некој кому му недостасува дел од носот, што го прекрил со крпеница од змиска кожа. Би-Би-Си го идентификуваше како Џејмс Џејкобсон.
Дејвид Бредбери, тогаш 23, рече дека бил запознаен со Џејкобсон од агент кој го опишал како чувар на вратата на „сопствениците“ на A&F во 2010 година, но рече дека не се споменувало секс.На нивниот состанок Џејкобсон предложил официјалниот фотограф на A&F да направи негова фотографија. Потоа, Бредбери рече: „Џим јасно ми стави до знаење дек,а освен ако не му дозволам да имаме орален секс, нема да се сретнам со Мајк Џефрис“.
„Бев парализиран“, рече тој. „Беше како да продава слава. А цената беше согласност“.
Џејкобсон во изјавата преку неговиот адвокат рече дека се навредил од сугестија за „присилно, измамливо или насилно однесување од моја страна“ и дека „нема сознание за такво однесување од други лица“. овој 70-годишник не се сеќава дека дал ветувања за можности за работа како модели.
„Секоја средба што ја имав беше целосно консензуална“, рече тој. „Сите со кои дојдов во контакт, кои присуствуваа на овие настани, отидоа со широко отворени очи“.
A&F, која го смета Џефрис за свој современ основач, изјави за Би-Би-Си дека е „згрозена“ од неговото однесување. Се вели дека новото раководство ја трансформирало компанијата во „организација водена од вредности “ и дека има „нулта толеранција за злоупотреба, вознемирување или дискриминација од секаков вид“.
Без разлика дали го сакавте или мразевте, брендот беше насекаде – неговите сјајни реклами со деколтирани фармерки и графички маици, неговата лута колонска вода, неговите гласни и слабо осветлени продавници беа заштитен знак на неговите продавници низ САД. Аберкромби беше влезната точка на одреден тип на сеамерикански cool, подготвена утопија за младите и слабите.
„Тие ги продаваа најпопуларните луѓе во класата – бекот и главниот навивач“, вели психологот и автор Купер Лоренс.
Оваа конкретна верзија на Аберкромби оживеа под водство на извршниот директор Мајк Џефрис. За време на неговите две децении на чело, Џефрис го претвори брендот во културен феномен и го однесе во стратосферата на малопродажбата. Но, тој, исто така, го надгледуваше нејзиниот пад, поднесувајќи оставка во 2014 година, среде облак контроверзии околу наводите за расна дискриминација и токсична работна култура.
Кога Џефрис официјално ја презеде функцијата, Abercrombie беше 100-годишна компанија со репутација за носење сафари. Неколку години претходно компанијата беше купена од малопродажниот магнат Лес Векснер, кој го пресели своето седиште во Колумбус, Охајо, и му ја предаде контролата на Џефрис. Калифорниецот имаше јасна, но исклучувачка, визија.
„Во секое училиште има кул и популарни деца, а има и не толку кул деца. Искрено, ние одиме по кул деца. Одиме по привлечното, целосно американско дете со одличен став и многу пријатели“, изјави тој во едно сега познато интервју од 2006 година. „Многу луѓе не припаѓаат [во нашата облека] и не можат да припаѓаат. Дали сме исклучувачки? Апсолутно“, (Гардијан и други медиуми)