МПЦ, со помош на БПЦ, ќе го донесе благодетниот оган во земјава


МПЦ-ОА, за Велигден, ќе го донесен Благодетниот оган од Ерусалим во земјава, со помош на Бугарската православна црква.
Македoнскиот епископ Јаков утре заедно со делегацијата на Бугарската православна црква со авионот на бугарската влада ќе отпатува во Ерусалим и утревечер, преку Софија, ќе го донесе велигденскиот оган. Бугарските медиуми пренесуваат дека епископот Јаков во земјава ќе донесе два фенери со огнот од Ерусалим, придружуван од Емил Велинов, директор на бугарската владина Дирекција за религија.
– Годинава содејството и љубовта би рекол на БПЦ и МПЦ ќе се удостои со тоа нејзин епископ да учествува во овој благодатен и чудотворен чин и да го преземе лично благодатниот оган. Ако досега благодатниот оган беше носен или позајмуван, земан од другите цркви преку посредништвото на Бигорскиот манастир и архимандритот Партениј, годинава епископот стобиски Јаков, викарниот епископ од Струмичката епархија ќе го преземе оганот и ќе го донесе како благослов за православниот народ и за православната црква во Република Македонија, изјави за МИА, отец Бобан Митевски од Кабинетот на архиепископот.
Посочи дека на скопскиот аеродром епископот стобиски Јаков со благодатниот оган ќе биде пречен од неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и од претставници на другите епархии низ државава, а потоа ќе биде разнесен по храмовите во Скопје и по другите епархии.
– Благодатниот оган е феномен односно чудо што се случува секоја година на Велигден, што самиот се спушта би рекол на еден чудотворен начин во гробот Христов и повторно на еден чудотворен начин се запалуваат свеќите на православниот патријарх кој пребива на молитва во самиот гроб. Потоа тој ги изнесува свеќите и од тие свеќи сите верници или сите претставници, делегати на православните цркви кои стојат во самиот храм пред самиот гроб ги палат своите свеќи или кандилата и ги носат потоа во своите земји, додаде отец Митевски.