Москва ќе го блокира во Русија пристапот до веб-страницата на АФП и уште 80 медиуми 

Меѓу масовните медиуми погодени од рускиот потег се и австриската државна телевизија ОРФ, ирската телевизија РТЕ и шпанската агенција ЕФЕ, како и весникот „Политико“


Фото: Б. Грданоски

Москва – Руските власти денеска соопштија дека ќе го блокираат пристапот до почетната страница на новинската агенција – АФП и до порталот за клиенти на нејзина територија како дел од нејзиниот „одмазднички“ одговор на европските ограничувања за руските медиуми.

Руското Министерство за надворешни работи објави список од 81 медиум, вклучувајќи ги и веб-страниците на АФП afp.com и afpforum.com, што треба да бидат блокирани во Русија.

Руското МНР соопшти дека забранува пристап до десетици медиуми на Европската унија во Русија, што според Москва е одмазда за сличната забрана на ЕУ за неколку руски медиуми.

Во мај, Европската унија соопшти дека суспендира четири „пропагандни мрежи поврзани со Кремљ“, со што им ги одзема правата за емитување во блокот.

Во тоа време, Брисел соопшти дека забраната се однесува на Гласот на Европа, новинската агенција РИА и весниците Известија и Росискаја газета.

Руското МНР денеска возврати, објавувајќи список од 81 медиум од 25 земји-членки на ЕУ, како и паневропски медиуми, што повеќе нема да бидат достапни на руска територија со обвинување дека – „систематски шират неточни информации“ за како што Русија ја нарекува, својата специјална воена операција во Украина.

Меѓу масовните медиуми погодени од рускиот потег освен АФП се и австриската државна телевизија ОРФ, ирската телевизија РТЕ и шпанската агенција ЕФЕ, како и многу други национални радио и телевизиски оператори, весници и „Политико“.

-Руската Федерација постојано предупредуваше на различни нивоа дека политички мотивираното вознемирување на локалните новинари и неоправданите забрани за активностите на руските медиуми во ЕУ нема да останат без одговор, се вели во соопштението на МНР.