Москва испраќа свои луѓе за врвните функции во окупирана Украина

Како подготовка за можната анексија на Донбас, Русија испраќа поранешни и сегашни функционери да ја командуваат во окупираните теротории. Една од причините е и што Москва не им верува на локалните лица како ќе се трошат руските пари за обнова


Руско знаме се поставува во окупираниот Мелитопол (Фото: ТАСС)

 

Сѐ поголем број руски функционери добија високи работни места во окупираните делови на Украина во, како што велат аналитичарите, обид да се зајакнат врските со Москва пред можниот процес на анексија.

Само минатата недела, назначувањето вклучуваше поранешен пратеник од рускиот парламент, претставници на регионалната влада и висок офицер на Федералната служба за безбедност (ФСБ).

„Русите се испраќаат таму за да ги донесат руските стандарди“, изјави политичкиот аналитичар Иван Преображенски за „Москва тајмс“. „Москва сака да организира референдум [за приклучување кон Русија] и се чини дека Русите ќе подготват сè“.

Ова истоварување на официјални лица е најновиот знак дека Русија се обидува да ги привлече окупираните украински области поблиску во својата орбита. Кремљ, исто така, започна кампања за интегрирање на окупираните области со збратимување на руски и украински градови, издавање руски пасоши и преселување на големите руски банки и мобилни оператори.

Можеби најпознатиот пример досега се случи минатио вторник, кога поранешниот руски пратеник Андреј Козенко беше назначен за заменик-шеф на „воено-цивилната администрација“ за окупираните области на украинскиот регион Запорожје. Тој ќе ја надгледува економската интеграција со Русија, се вели во официјалното соопштение.

Еден ден пред Козенко да биде инсталиран во регионот Запорожје, поранешниот офицер на ФСБ Сергеј Јелисеев беше поставен на чело на владата во окупираната област Керсон.

Една од причините зошто Русија прибегна кон испраќање свои службеници е тоа што Украинците на окупираните територии не се подготвени да ја сменат страната, според Константин Скоркин, експерт за политиката на источна Украина во Фондацијата Карнеги за меѓународен мир.

„И покрај тоа што [украинските] партии сметаа дека проруските имаат значително застапеност во овие региони, повеќето пратеници одбија да соработуваат со окупациските власти“, изјави Скоркин за „Москва тајмс“.

„Во Керсон, на пример, луѓето не се сигурни дека овие области ќе се приклучат на Русија бидејќи Украина може да ги врати назад во секој момент“.

Други Украинци можеби биле разубедени да ги прифатат руските понуди за соработка поради убиства на службеници од „воено-цивилните администрации“ на Русија. На пример, Дмитро Савлученко, кој го водеше директоратот за семејство, млади и спорт во локалната влада на Херсон, поставена од Русија, загина во бомбашки напад со автомобил минатиот месец.

Заедно со поранешниот офицер на ФСБ, Јелисеев, уште двајца руски функционери – Михаил Родиков и Владимир Беспалов – исто така беа назначени на високи владини позиции во Керсон оваа недела.

Беспалов, поранешен заменик-министер во Калининградската област, ќе ја надгледува внатрешната политика, додека Родиков, функционер од Московскиот регион, беше назначен за министер за образование и наука.

Неколку од новите назначени лица имаат искуство кога станува збор за интегрирање на украинските региони во Русија, бидејќи тие работеа на Крим по неговата анексија од Москва во 2014 година.

Сепаратистичките републики Донецк и Луганск во источна Украина, поддржани од Русија, исто така, забележаа руски функционери именувани на највисоки владини функции во последните недели.

Поранешниот висок функционер во руското Министерство за трговија и индустрија, Виталиј Хоценко, минатиот месец беше именуван за премиер на Народната Република Доњецк. И поранешниот заменик-гувернер на руската област Курган, Владислав Кузнецов, стана прв заменик-претседател на Народната Република Луганск.

Инсталирањето на руски функционери, исто така, може да биде начин да се обезбеди надзор над огромните суми пари што Кремљ ги одвои за обнова на окупирана Украина, според аналитичарите.

Русија би можела да потроши дури 3,5 трилиони рубљи (60 милијарди долари) на проекти за реконструкција во окупираните делови на украинските региони Донецк и Луганск, според изјавите на сепаратистичките власти.

„Русија издвојува огромни суми за реконструкција на Донбас, а Москва не им верува на локалните власти“, изјави Скоркин.

Додека руските официјални лица јавно се двосмислени во врска со изгледите за анексија на окупираните региони на Украина, случувањата на теренот сугерираат дека тоа е сè поверојатен исход од процесот на прикриена интеграција.

Администрациите инсталирани од Русија во Керсон и Запорожје веќе објавија планови за организирање референдум за приклучување кон Русија подоцна оваа година. Лидерите на сепаратистичките републики поддржани од Русија исто така повикаа на слично народно гласање.

Иако претседателот Владимир Путин на почетокот на инвазијата на Украина тврдеше дека Русија нема план да  апсорбира украинската територија, назначувањето на руски претставници во окупираните области покажува дека Москва го планира спротивното, според аналитичарот Преображенски.

„Можеби ќе ја видиме целосната анексија до оваа есен“, изјави за „Москва тајмс“ Николаус фон Твикел, поранешен член на персоналот на ОБСЕ кој го истражува регионот на Донбас.

„Претходно Кремљ се обидуваше да игра според правилата, но тоа време веќе помина“. (Москва тајмс)