Мораториум на градби во Автокоманда – почнува од денеска

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски најави дека од денес стапува на сила мораториум на градби во Автокоманда. Според него, во просторот на Градска четврт ССИ 09 – Автокоманда, во изминатиот период била дозволена изградба на нови објекти и надградба на постојни станбени згради согласно со важечките детални урбанистички планови.
-Со ова значително се зголеми бројот на жители, а со тоа и притисокот врз водоводната мрежа, јавниот паркинг и квалитетот на живот во населбата. На вчерашната седница на Советот на Општина Гази Баба, по моја иницијатива, беше донесена Одлука за начинот на применување на ДУП-овите во просторот на Градска четврт ССИ 09, појаснува Стефковски.
Според градоначалникот, со оваа одлука се прекинуваат сите постапки доставени преку системот е-дозволи за подготвителни работи и издавање решенија за градба.
-Одлуката се однесува на територијата опфатена со деталните урбанистички планови во оваа четврт, не се однесува на барања за реконструкција или адаптација, ќе важи во времетраење од една година од денот на нејзиното донесување. Ова е чекор кон хумана урбанизација и подобар животен стандард за жителите. Последиците од неодговорното урбанистичко работење во минатото ги чувствуваме денес. Затоа мораме да донесуваме храбри и одговорни одлуки – во интерес на граѓаните и одржлив развој на нашата општина, истакна градоначалникот.
Градоначалникот апелира и бара Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ итно да преземат мерки во насока на надминување на проблемот со недостатокот на вода во урбаниот дел од општината и тоа во Автокоманда, Железара, Маџари, Ченто и Хиподром.