МОН објави повици за ангажирање образовни медијатори за поддршка на ученици Роми во основните и средните училишта


Фото: Б. Грданоски

 Министерството за образование и наука објави јавни повици за ангажирање образовни медијатори за поддршка на образованието на ученици Роми за учебната 2025/2026 година – педесет за  основно и 35 за  средно образование.

Како што наведува МОН во објавените повици, се работи за дополнителна поддршка на учениците Роми кои потекнуваат од социјално загрозени семејства и/или се подолго време надвор од образовниот систем.

-Улогата на образовниот медијатор е да помогне и презема активности за подобрување на информираноста за можностите и пристапот до училиштата, спроведува редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во основното училиште со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието, редовно соработува со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигањата на учениците, презема активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес на учениците, стои во објавата на МОН.

Во повиците е наведено кој може да аплицира за образовни медијатори за Роми, кои се задачите и обврските на медијаторот за образовна инклузија на учениците Роми и потребните документи што треба да ги поднесат со апликацијата.

За ангажманот на ромските образовни медијатори хонорарот месечно ќе изнесува 20.000 денари, за период од најмногу три месеци во текот на 2025  и седум месеци во текот на 2026 година.

Кандидатите кои ги исполнуваат условите од двата јавни повика (за основно и за средно образование) треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачуат потребната документација преку платформата http://e-uslugi.mon.gov.mk, во периодот од 1 август до 1 октомври 2025 година, без потреба од физичко доставување до Министерството.