Многу сопственици на „бе-ем-ве“ караван не знаат за една опција на својот автомобил
„Бе-ем-ве“ сака да ги информира своите потрошувачи за содржините и предностите што ги има автомобилот што го поседуваат.
Како и многу „бе-ем-ве“ каравани претходно, но и SUV возила, и новата „серија 3 туринг“ има опција за посебно отворање на задниот прозорец. Оној над багажникот.
И додека вистинските вљубеници во овие автомобили знаат за ова опција, во баварскиот производител велат дека многу сопственици на каравани не се запознаени со тоа.
Продукт-менаџерот Стефан Хорн во интервју за „Аутокар“ објаснува дека додека ја развиле новата „Серија 3“ морал да се избори со менаџментот на компанијата за да ја задржи опцијата за отворање на задниот прозорец на петтата врата на караванот.
„Тоа е нешто прилично скриено на автомобилот. Тврдевме дека треба да ја задржиме таа опција – но и дека купувачите мора да знаат за неа, или наскоро ќе биде исфрлена од нашите каравани“, вели Хорн.
Иако многу сопственици не знаат дека таа постои, сепак функцијата на одвоено отворање на горниот дел од вратата на багажникот е многу практична за уфрлање помали предмети, како ќеси со продукти од продавница, а корисна е и кога поради некои опструкции не може комплетно да се отвори багажникот.
Зголемените димензии на новиот модел овозможуваат да има багажник со зголемена зафатнина кој сега има 500 литри или пет повеќе од претходникот. И широчината е поголема за 112 мм од порано/
Тој дополнително може да се зголеми со навалување на задните потпирачи со што се добива простор со зафатнина од 1.510 литри корисен простор.