Младите бараат ефективни решенија, а не само јавни кампањи за проблемот со менталното здравје


Во организација на Либерално Демократската Младина (ЛиДеМ) и со поддршка од Фондацијата Фридрих Науман, вчеравечер во Кичево се одржа панел-дискусија на тема: „Менталното здравје и ЕУ: Вредност што почнува од тебе“, каде младите, експертите и активистите отворено дебатираа за предизвиците, но и конкретните чекори што мора да се преземат за подобрување на менталната благосостојба кај младите.

Говорниците потенцираа дека повеќе нема простор за чекање – младите бараат ефективни институционални решенија, а не само јавни кампањи. Нагласена беше и потребата од вклучување на менталното здравје во образовниот систем, постојана психолошка поддршка во училиштата и поостри механизми за справување со врсничко насилство.

„Нашата цел е младите да се чувствуваат видени, слушнати и поддржани – не само од другарите, туку и од системот“, истакна Давор Смилески од ЛиДеМ.

Панелот ја истакна и важноста на европските вредности како солидарност, еднаквост и почитување на достоинството – вредности кои, според говорниците, треба да бидат основа за секоја образовна и социјална политика во Македонија.

Јелена Мишиќ нагласи дека младите се подготвени да водат, но и дека е време институциите да се придвижат. „Средношколците веќе доставиле барања. Ние не прашуваме дали некој ќе нѐ слушне – ние кажуваме што треба да се смени. И ова не е крајот на разговорот. Ова е само почеток.“

Со оваа порака, настанот не заврши – туку продолжи како заеднички повик за акција.