Митот за Одисеј ве води до Археолошкиот музеј во Скопје
Додека светот со нетрпение ја дочека новата филмска „Одисеја“ на Кристофер Нолан , приказните на Хомер веќе со векови живеат и на археолошките артефакти, велат од Археолошкиот музеј во Скопје.

„Пред Одисеј да тргне на своето легендарно патување, едно јаболко ја променило историјата…
Во раката на оваа теракотна Афродита (Венера) се наоѓа прочуеното „јаболко на Парис“ – наградата што тројанскиот принц ѝ ја доделил на божицата на љубовта, прогласувајќи ја за најубава меѓу божиците.
За возврат, Афродита му ја ветила најубавата жена на светот – Елена од Спарта. Нејзиното заминување во Троја станало повод за Тројанската војна – приказната што ќе ги роди „Илијада“ и подоцна „Одисеја“.
Но каде завршува митот, а каде започнува археологијата?
Во Археолошкиот музеј можете да ги откриете артефактите што нè поврзуваат со светот на Хомеровите епови, но и да се запознаете со вистинската бронзенодопска култура на овие простори – светот во кој живееле луѓето што биле современици на настаните што подоцна прераснале во легенда“, се вели на нивниот ФБ пост.

Како пример ја посочуваат мегарската чаша од колекцијата на Археолошкиот музеј, пронајдена во Струмица и датирана во III–II век пр.н.е., на која е прикажана релјефна сцена инспирирана од Тројанската војна. На зачуваниот дел јасно се распознаваат ѕидините на Троја и вооружени херои, потсетувајќи на еден од највлијателните епски циклуси во историјата.
„Интересно е што, иако настаните од Тројанската војна, според традицијата, се сместуваат повеќе од илјада години порано, Хомеровите епови и понатаму биле темел на образованието. Во антиката децата учеле да читаат, пишуваат и да го усовршуваат говорништвото токму преку „Илијада“ и „Одисеја“, усвојувајќи не само јазик, туку и вредности како храброст, чесност, мудрост и истрајност.
Затоа ваквите садови не биле само предмети за секојдневна употреба. Тие биле и носители на приказни, визуелен потсетник на митовите што секој ги познавал – од најмладите ученици до учесниците на симпозиумите. Денес, повеќе од два милениума подоцна, тие сведочат за трајното влијание на Хомер врз античката култура, уметност и образование“, велат од Археолошкиот музеј.