Мисајловски најави нов пакет помош за Украина
Државава подготвува уште еден пакет за помош кон Украина, рече денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски. Како што појасни тој, земјава, како членка на НАТО има обврска секоја година да двои одредени средства за Украина, но сака да покаже и лојалност кој Алијансата.
„Има дополнителен пакет за помош на Украина. Мислам дека наскоро ќе биде на седница на Влада, иако чекав сите министри да добијат безбедносен сертификат, бидејќи дел од овие информации се со доверлив карактер. Набрзо ќе се пушти таа информација и ќе се обзнани што дополнителна опрема ќе се дава, но важно е овој период да направиме и проценка на сето она што досега сме го дале, што до сега не е направено“, рече Мисајловски на примопредавањето на опрема од Република Турција за Армијата во касарна „Илинден“.
Претходно Македонија, според податоците на македонското Министерство за одбрана, донираше вооружување за одбрана на Украина од руската агресија кое чини меѓу 24 и 30 милиони евра.
Македонија ѝ донираше на Украина 12 хеликоптери „Ми-24“, кои со години не беа во функција, како и тенкови од советско производство „Т-72“ и воени авиони „Су-25“.