Миљазим Мустафа ќе ја повлече иницијативата за разрешување на Адеми!?
Членот на Судски совет Миљазим Мустафа, кој ја поднесе иницијативата за разрешување на претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, има намера да се откаже од барањето на дисциплинската постапка, непосредно пред почетокот на седницата на која на дневен ред треба да се најде токму оваа точка, јавува ТВ Телма.
Од Судски совет за Телма утрово изјавиле дека досега до нив таква информација нема. Доколку дојде до тоа, ќе се одржи седница на која само ќе се констатира дека тој се повлекува од иницијативата и седницата за разрешување на Беса нема да се одржи.
Миљазим Мустафа и забележа на Беса Адеми дека не се појавувала на седниците на Судскиот совет што според него е професионална и правна некултура во постапувањето, и почитувањето на институциите.
Иницијативата беше поттикната по интервју на Беса Адеми во еден од македонските медиуми дека врз неа се вршат политички притисоци поврзани со аболициите на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, со што како што таа тогаш рече се сака Никола Груевски да се врати во земјава.
Миљазим Мустава доаѓа од редовите на ДИУ. Пред извесно време амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп оствари средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети во која меѓу другото му ја пренесе пораката дека по континуираниот двегодишен пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар.Нагласи и дека несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд е неприфатливо и ќе предизвика силна реакција од Холандија.