Удар за обвинителството: Мијалков и „алфите“ ослободени за апсењето на Љубе Бошкоски
Обвинителите од поранешното СЈО денеска го доживеаја еден од поголемите порази откако судот ги ослободи од вина поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и шестмина припадници на единицата „Алфа“ во процесот за апсењето на Љубе Бошкоски, лидер на партијата Обединети за Македонија.
Ваквата пресуда на судијката Александра Ристеска на некој начин се очекуваше откако пред еден месец таа побара да се преотвори главната расправа и доказната постапка, бидејќи за судот не било јасно кој од обвинетите кои дејствија ги презел и со колкав интензитет.
Но обвинителот Љубомир Лапе, на наредното рочиште не предложи нови докази, велејќи дека сите важни факти биле целосно утврдени и фактичката состојба била јасна. Тој рече дека сите обвинети „алфи“ презеле дејствија и употребиле сила за непотребно да го легнат Бошкоски наземи додека камерите снимаат и оти заеднички го сториле кривичното дело – мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.
Но очигледно тие докази не биле доволни за судечкиот совет. Судијката Ристеска рече дека обвинителот Љубомир Лапе не докажал надвор од основано сомнение дека тие се виновни за делото мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.
Лапе потоа на новинарите им изјави дека ќе вложат жалба и нагласи оти со пресудата „се испраќа погрешна порака дека ваквиот начин на апсење е дозволен и законит“. Тој рече „дека обвинението е доволно прецизно и детално… Во модерните демократски и цивилизирани општества ваквиот начин на лишување од слобода е забранет и санкциониран. Судот пропушти да ги санкционира сторителите, според мене, во ситуација на јасни и недвосмислени докази“.
Ова е прва ослободителна пресуда за Мијалков во предметите на СЈО. Во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување доби 12 години затвор, а во „Трезор“, кој се однесува на уништувањето на опремата за следење на комуникациите во УБК, 8 години. Двете пресуди се во жалбена постапка пред Апелацискиот суд.
Апсењето на Љубе Бошкоски беше една од најекспонираните „бомби“ на тогашната опозиција во која се слушаше како Сашо Мијалков на одреден начин се насладува од начинот на кој „алфите“ го приведоа лидерот на Обединети за Македонија.
Љубе Бошкоски беше уапсен на спектакуларен начин на 6 јуни 2011 година пред ресторанот „Воденица“ во Скопје, еден по парламентарните избори. (Н.В.)