Мијалков излезе од затвор 11 месеци порано


Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК од денеска е слободен човек. Затворот во Струга брои еден затвореник помалку, а со тоа заврши и неговата кариера како возач на комбе за потребите на казнено поправната установа. Продолжениот празничен викенд Мијалков ќе може да го помине надвор од границите од земјава, а ќе може да оди и на летување каде сака, бидејќи неговиот живот зад решетки заврши.

Мијалков по спогодбата со обвинителството за случајот Империја доби три години затвор. Казната му е скратена за 11 месеци. Законот им овозможува на осудениците по истекот на половина од казната и поради добро поведение, да можат да бараат скратување на казната.

Барањето за условен отпуст на Мијалков го поднесе директорот на струшкиот затвор Ваљон Ќура, а Кривичниот суд го уважи предлогот и му ја намали за четири месеци. На ова решение Мијалков имаше право на жалба пред Апелациониот суд, кој дополнително му ја скрати казната за  7 месеци под услов Мијалков до 25 април наредната година да не стори кривично дело.

На Мијалков во рамки на спогодбата за Империја му беше и одземен имот вреден 30 милиони евра. Дел од него веќе беше продаден на аукција, при што трите стана на Водно и една гаража ги купи  „Бест-веј инвестментс“, односно фирмата на неговиот син Јордан Мијалков.

Мијалков во март доби и ослободителна пресуда за случајот „Трезор“ во врска со злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.  Апелација претходно ја укина пресудата за овој случај, како и за случаите „Таргет- Тврдина“ за прислушувањето и „Титаник 2“ за изборни нерегуларности. Со измените на Кривичниот законик тој се спаси од казна затвор и за „Таргет- Тврдина“ и за „Титаник 2“.