Мицкоски за Никола Младенов: Лицемерство на дланка


Вчера во Виница Христијан Мицкоски, образложувајќи ја програмата на неговата партија, рече: „Ќе има за секого по нешто“. И навистина има за секого по нешто – па и за оние што претрпеа многу маки и загуби за време на 11-годишното владеење на неговата партија. Секои избори остануваат запаметени по некои секвенци кои времиња подоцна се предмет за подбив (а во некои случаи и за пофалба).

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во првата недела од кампањата успеаја да извадат два „бисери“. Првиот е со оној бесмислен спот за подгрбавените луѓе кој стана предмет на општ потсмев и злонамерно поигрување со луѓето со хендикеп, а вториот е со споменувањето на смртта на новинарот Никола Младенов во еден ужасен контекст, кој, барем во журналистичката заедница, предизвика силен гнев.

„Наместо мир, донесоа немир. Немир во душите на оние родители кои ги изгубија своите чеда на Смилковско, а денес сторителите слободно се шетаат. Немир, на дечињата, на оние јунаци кои животот го положија бранејќи ја државата во Диво насеље. Немир во душите на родителите на Нешкоски, на Мартин Јанушев, на Кољо. До каде е случајот со новинарот Младенов? Каде е нивниот мир? Нивниот мир се претвори во немир“, рече Мицкоски вчера.

Па уште вели: „Можеа да ја слушнат маката на мајката од Виница која своето чедо го испратило во недојдија и чека да ѝ се јави и да дојде еднаш годишно и да ѝ каже добар сум, се снајдов, ама ништо не направија“. Од кога чудесниот свет на Петар Пан и неговата фантастична земја станаа лош синоним за нашите гурбетчии, а животот во Германија или Италија стана живот во Недојдија. Младите се иселуваат, тоа е непобитен факт во овој глобализиран свет на големи миграции кога сѐ изгледа како на дофат на раката, и така ќе биде уште многу години од денес. Но Германија, Италија или Шпанија да бидат претставувани како недојдија е бесмислено потценување на општествата на коишто сакаме да се угледаме и да ги градиме нивните стандарди.

А, пред да го спомене „случајот со новинарот Младенов“ Мицкоски требаше да си ја врати сликата назад, кога тогашниот јавен обвинител Марко Зврлевски и тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на прес-конференција од петни жили ја убедуваа јавноста дека нема ништо криминално во неочекуваната смрт на Никола Младенов во смачканиот автомобил.

Една од гневните реакции на ваквото непромислено споменување на еден трагичен настан во кампањата, на познатиот новинар Горан Михајловски, ја погоди целта. Тоа на одреден начин го синтетизира бесот на новинарските ешалони кои уште долго ќе ја паметат оваа трагична загуба.

„Како не ти е срам да го споменуваш Никола Младенов во предизборна кампања? Со кое лице му го изговараш името? На неговата слава ли ќе собираш гласови? На сообраќајката што се случи помеѓу два изборни круга на избори што ги организираше твојата партија?Наместо да прашуваш ‘До каде е случајот со Никола Младенов’, прашај до каде е случајот со нелегалното масовно прислушување…
Ако веќе те интересира под кои околности загина Никола тогаш зошто твојата партија со сите средства ја попречува правдата да се открие кој го нареди масовното прислушување и следењето на новинари во времето кога бевте на власт.
Вистинското прашање е: Зошто сте го следеле и Никола? Одговорот побарај си го кога следниот пат ќе одиш за Будимпешта“.

Се разбира, Христијан Мицкоски нема да даде одговори на овие прашања. Како што не дава одговори за ниту едно од злоделата што го направи неговата партија за време на авторитарните години. Тој упорно повторува дека сегашното раководство нема ништо со номенклатурата и владеењето на Никола Груевски, дека тоа било минато и дека треба да се зборува за иднината. Но, ќе вели дека оние што влегоа насилно во Собранието на 27 април, обидувајќи се да предизвикаат воведување на воена состојба, биле „патриоти“. Тоа биле „патриоти“ кои ги раскрвавуваа главите на пратениците како некаква дива хорда и кога само поради директниот пренос од местото каде се лееше крвта и храброста на новинарите беше спречена уште поголема трагедија во Македонија и нејзино тргнување по патот кога можеби ќе беше укината и демократијата. Дека тие што го поттикнуваа тој злокобен развој на настаните се „патриоти“ е и одлуката на Мицкоски да го постави Игор Дурловски за носител во Изборната единица 5.

Затоа овој повик или прашање „До каде е случајот со Никола Младенов“ е лицемерство од највисок степен. Ако Мицкоски мисли дека сите настани од поблиското минато така брзо се забораваат или дека лесно се ретушираат, е во голема намерна самозаблуда. Тоа само многумина од неопределените гласачи ќе ги натера да се запрашаат – вреди ли да се гласа за оние кои ништо не научија. (Љ.П.)