Мицкоски: Водиме преговори на билатерално ниво за ЕЕС
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања во врска со системот ЕЕС (за влез и излез во Европската Унија), истакна дека се водат преговори на билатерално ниво и изрази надеж дека овие бариери ќе бидат надминати. Тој додаде дека Владата бара сеопфатно решение.
„Има политичари од соседството кои сакаат политиката да ја направат естра: Јас немам таква намера, јас сакам да зборувам за работи што ќе се случат. Инаку да, се водат преговори и врз основа на тие преговори ценам дека на основа на билатерално ниво ќе бидат надминати овие пречки, но не само за летниот период, зборувам генерално, ние бараме генерално решение“, наведе Мицкоски.
Тој се осврна и на критиките од минатиот ден: „Иако вчера имаше одредени кругови кои се обидоа да ме исмејат за тоа што го кажав, јас уште поцврсто стојам на ставот дека Македонија е преубава земја и дека има прекрасни езера, планини, села, што ќе можат да се посетат за време на летниот одмор. А има таков тип на луѓе кои повторно ќе ме исмејат, но јас повторно уште поцврсто стојам на својот став“, нагласи Мицкоски.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера исто така коментираше дека земјите од регионот, заедно со Европската Унија и нејзините земји членки, водат интензивна комуникација и работат на надминување на предизвиците со застоите на граничните премини, кои се поизразени во периоди на зголемена фреквенција, особено во летниот период.
Муцунски потврди дека се водат дискусии со повеќе држави, како и во рамките на различни иницијативи на Европската Унија кои ги опфаќаат земјите од Западен Балкан. Се очекува во текот на летната сезона да бидат преземени соодветни мерки за намалување на метежот.