Мицкоски: Откочивме еден од најголемите и најзаглавените инфраструктурни проекти


Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на пуштање во употреба на дел од автопатот Кичево – Охрид, во должина од 20 километри , од Врбјани до Ботун. Мицкоски .

– Денес заедно сведочиме на нешто за многумина делуваше веќе невозможно. Ова пуштање на употреба на автопатска делница е момент на враќање на вербата и доказ дека кога ќе ја превземеме одговорноста со чиста совест и искрена намера, тогаш промените се случуваат. На овој потег на делницата Пресека-Песочани денес се вози по нов автопат, изјави Мицкоски.
 
Тој потенцираше дека само една година откако ја превзеле одговорноста да ја водат државата успеале да го откочат еден од најголемите и еден од најзаглавените инфраструктурни проекти во Македонија.
 
-Проектот кој со години стоеше како симбол на застој, како срамна слика за држава што тапка во место, денес е симбол на новото време. Седум години траеше чекањето, ветувањата без дела, бесцелното трошење време, пари и нерви на граѓаните, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека во една година новата влада ги пуштила во употреба дел од експресниот пат Градско-Прилеп на потегот Градско-Дреново, експресниот пат Дреново-Фариш, експресниот пат Ранковце-Крива Паланка кај Страцин долг 26 километри и го реконструирала регионалниот пат Охрид-Свети Наум долг 25 километри.

– На ова јас би ги додал и делницата која што исто така е дел од Коридорорт 8, а тоа е Гостивар- Букојчани која што ја затекнавме речиси никаде, иплатени само авансни фактури, а на терен буквално ништо не беше направено. За разлика од пред една година, тамо сега се работи, се гради и јас сум оптисмист дека и пред рокот ќе го завршиме овој дел од автопатот кој што е значаен дел од Коридорот 8 – порача Мицкоски.

Првиот човек на Владата вели дека денеска владата испраќа порака дека ќе го доврши автопатот Кичево-Охрид и дека ќе ги доврши промените.

– Ние не ветуваме многу. Но, она што го ветуваме, го испорачуваме. Ние не зборуваме за темели, ние ги градиме – истакна премиерот.

На отворањето свое обраќање имаа и Коце Трајановски, директорот на ЈПДП, заменик министерката за енергетика и Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.

Николоски се надоврза на изјавите на Мицкоски велејќи дека автопатот кој „беше симбол на неспособноста на претходната влада“ сега станува симбол на нова надеж и успеси.

– Ветив дека за проблемите ќе зборувам кога ќе го завршиме целиот автопат, а тоа е на крајот на следната година, но сакам да кажам две работи. Првата е дека овој проект беше симбол за неспособноста на претходната влада на СДСМ и ДУИ, ова беше заборавен и напуштен проект на кој ниту имаше работници, ниту имаше инженери, ниту машини. Ова е проект кој што е симбол и доказ за посветеноста и работата на оваа Влада и тоа е клучната разлика меѓу нас и нашите политички противници. Од првиот ден кога влеговме во Владата мојот прв разговор со Премиерот беше токму за овој проект. И најголем дел од времето посветуваме на овој проект затоа што повторувам, ова е проект кој што ја прави разликата, ова е проект кој симболички отсликува кои сме ние, а кои се тие затоа што таа разлика мора да се направи и мора да ја покажуваме и ова позади мене е најдобриот доказ – изјави вицепремиерот и министер Николоски.


Останатиот дел од автопатот, според официјалните информации, би требало да заврши до крајот на 2026 година. Вкупната должина на автопатот изнесува 57 километри.