Мицкоски не може да се изначуди зошто опозицијата е загрижена за новите задолжувања

Ова се капитални инвестиции и не можам да се изначудам на некои коментари што доаѓаат од опозицијата, а најмногу се зачудив вчера кога коментарот оттаму беше дека се задолжуваме за капитални инвестиции, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја вчерашната оценка на опозициската СДСМ за договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
– Не знам кој ја подготвува комуникациската стратегија во опозицијата, но мојот совет до нив е дека не одат добро и мислам дека на Македонија и е потребна квалитетна опозиција, конструктивна која тоа што она што го артикулира како порака, ќе додава вредност, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Делчево.
Повтори дека со потпишувањето на овој договор ќе се подобри железничкиот транспорт на стоки и патници и дека ќе има инвестиции и во енергетиката, образованието и здравството.
– Имаме на располагање околу 5 милијарди фунти (6 милиони евра) за стратешки проекти, за кој јас би рекол дека се транформациони за државата. Пругата е дел од Коридорот 10 и ги поврзува Табановце со Гевгелија. Проектот опфаќа целосна реконструкција, модернизација и нов колосек практично два ќе има. Со ова, карго транспортот ќе се одвива со просечна брзина од 110 км на час, сега тој се врши со просек од 20 км на час. А, патничкиот ќе биде околу 160 км на час, рече Мицкоски.
Претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче вчера ја критикуваше Владата за договорот за заем со Обединетото Кралство, оценувајќи го начинот на заем како антиевропски. Според Филипче, големите задолжувања за инфраструктурни проекти го оптоваруваат идниот развој на државата, а економијата се соочува со зголемени трошоци за живот.
Оценката на Европската комисија за проекциите на економскиот раст на земјава, според премиерот, се темели на реализацијата на инфраструктурните капитални инвестиции и потрошувачката. Во тоа, како што оени, има влијание и растот на платите, кој е позитивен. Мицкоски е оптимист дека економскиот раст ќе биде и поголем.
– Минатата година кога бевме избрани како Влада, Светска банка предвидуваше 1,8 проценти раст, ние тоа го натфрливме со околу 70 проценти и имавме раст од 2,8 проценти. Третиот квартал минатата година беше три проценти, четвртиот 3,2 проценти, а овој очекувам да биде меѓу 3,5 и 4 проценти на БДП, затоа што сме една од ретките, можеби и единствена земја во регионот којашто има раст на индустриското производство во првиот квартал, рече Мицкоски.
Тој го пофали и растот на туризмот посочувајќи дека во првиот квартал од годинава има раст од над 10 проценти на основ на број на туристи и број на ноќевања.
– Првите индикатори дека одиме добро јасно се гледаат и очекувам првиот квартал да бидеме меѓу три и четири проценти. Инфлацијата во март е 2,7 проценти на годишно ниво, на месечно е -1,3 роценти, во април беше 2,6 проценти, на месечно 0,6 проценти, така што ако ги гледаме сите овие индикатори можеме да дојдеме до заклучок дека сум поголем оптимист и дека имаме шанси да ја завршиме годината со оние проекции што ги имавме со раст поголем од 3,5 проценти, рече Мицкоски.